• среда, 25 декември 2024

Почна пребројувањето на гласовите на изборите во Ирска, фаворитите изедначени

Почна пребројувањето на гласовите на изборите во Ирска, фаворитите изедначени

Даблин, 30 ноември 2024 (МИА) – Започна долгиот процес на пребројување и броење на гласови на општите избори во Ирска, а излезните анкети покажаа дека трите главни партии речиси се изедначија.

Според излезната анкета на Ипсос Б&А, Шин Феин освоил 21,1 отсто од преференцијалните  гласови, а сегашните коалициски партнери Фине Гаел и Фиана Фаил 21 отсто, односно 19,5 отсто. Според тоа, двете најголеми партии во сегашната коалиција, Фине Гаел и Фиана Фаил, заедно имаат 40,5 отсто.

Пребројувањето на гласовите ширум земјата започна во 9 часот, а процесот може да трае со денови поради сложениот систем на пропорционална застапеност што ги рангира кандидатите по преференциите. Конечните резултати ќе бидат утврдени со пренос на гласови, што е клучен дел од системот ПР-СТВ. Истражувањето за преференциите за гласање покажа дека Фиана Фаил и Фине Гаел имаат по 20 отсто од гласовите, а Шин Феин 17 отсто. Поради неуверливите резултати сите ќе бараат коалициски партнери.

Излезната анкета покажа дека социјалдемократите имаат освоено 5,8 отсто, лабуристите пет отсто, Зелените четири отсто, Аонта 3,6 отсто и Независна Ирска со 2,2 отсто. Независните и другите кандидати имаат 14,6 отсто. Маргината на грешка изнесува 1,4 отсто.

Директорот на изборната кампања на Шин Феин, Мет Карти, го поздрави „феноменалниот“ настап на неговата партија како значаен пресврт од разочарувачките резултати на партијата на локалните и европските избори во јуни.

Иако не сака да биде вклучен во потенцијално формирање на владата, Карти рече дека претходните излезни анкети го потцениле рејтингот на Шин Феин за повеќе од два отсто.

Заменик-претседателот на Фиана Фаил, Џек Чемберс, изјави дека е „јасно дека сме во комбинација со другите две партии. Резултатите од излезната анкета покажуваат дека формирањето мнозинство може да се покаже тешко, со неколку помали партии и многу независни кандидати кои потенцијално се борат за место во владата, веројатно во коалиција составена од четири партии“.

Лидерите на Фиана Фаил и Фајн Гаел постојано ја отфрлаат можноста за коалиција со Шин Феин, наведувајќи ги значајните политички разлики. Ова ќе му отежне на Шин Фејн да формира влада. Лидерот на Шин Феин, Мери Лу Мекдоналд, вети дека нема да ги повтори грешките од минатото и воведе мноштво нови кандидати, повикувајќи ги гласачите да изберат влада без Фајн Гаел или Фиана Фаил.

Ирскиот парламент има вкупно 174 места, а над 3,6 милиони Ирци беа регистрирани да изберат своите претставници во 43 изборни единици.

Кампањата се фокусираше на станбената криза во земјата, одговорот на драматичното зголемување на имиграцијата и економското управување со трошоците за живот, како и можните идни трговски шокови.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан