• четврток, 26 декември 2024

Почна практичната настава во дуалното образование во Прилеп

Почна практичната настава во дуалното образование во Прилеп

Прилеп, 16 април 2021 (МИА) - Три прилепски компании вклучени во процесот на дуалното образование според германскиот модел, конечно почнаа со практичната настава за средношколците - идни кадри кои им се неопходни. Практичната настава, закажана од почетокот на учебната година, беше одложена поради пандемијата.

Сега 16 средношколци од прилепското електро-машинско средно училиште „Ристе Ристески Ричко“ од втора година почнаа практично да ги стекнуваат знаењата во занаетот за двата профила: техничари за производно машинство и за индустриска мехатроника. По пет од втора година се во две компании: „Витаминка“ и „Гентерм“ за техничари за индустриска мехатроника, а деновиве уште 6 ученици имаат пратична работа во компанијата „Вик“ за производно машинство.

Според Орде Ѓорѓиоски, директор на правниот сектор на прехранбената индустрија „Витаминка“, пандемијата ги одложи активностите, но од март први од трите компании кои ги бараа овие профили, почнаа со практичната обука.

- Требаше време да се консолидираме, да ги заштититме вработените, менторите, но решивме дека е крајно време сериозно да почнеме со реализацијата на проектот за практична настава, односно дуално образование според германскиот модел. Имаме скратени часови, наместо осум еднаш во неделата, учениците работат по четири часа, со сите мерки за заштита. Задоволни сме како се одвива реализацијата. Свесни сме дека загубивме време поради пандемијата, но сега сериозно сме вклопени и работите добро се одвивааат, изјави Ѓорѓиоски.

Билјана Трајкоска, директор на прилепското електро-машинско средно училиште „Ристе Ристески - Ричко“ појаснува дека две паралелки се во втора и две во прва година во дуалното образование според германскиот модел за практично оспособување профили за компаниите, односно за пазарот на трудот.

-Иако есеноска требаше да почне практичната настава во компаниите за оние од втора година, сепак се успеа со сите безбедносни мерки да почнеме пролетва. Досега пропуштеното учениците го надоместуваа во нашите работилници кои се соодветно опремени. Сега е скратено и забрзано обучувањето и настојуваме да се надомести. До крјаот на јуни комбинирано ќе се обрне внимание и на пропуштеното во феријалната практика. Се надеваме дека од септември  ќе може да го воспоставиме континуитетот, зашто учениците од трета година треба два дена неделно да поминат во компаниите, појасни Трајкоска.

Учениците од втора година - Марко Свеќароски, иден техничар по индустриска мехатроника, и Андреј Галески, иден техничар за производно машинство, се задоволни од условите во компаниите и би останале доколку им овозможат услови за работа и добри плати.

- Јас ќе бидам техничар по индустриска мехатроника. Сакам образованието да го продолжам на битолскиот факултет и да бидам инженер. Задоволен сум од менторите, од условите, учиме детали на машините, има комплетни заштитни мерки и е одлично. Доколку ги исполнат условите што ги најавуваат и солидна плата, не размислувам да заминам во странство. Ама и ние сме должни да покажеме квалитет, рече ученикот Марко Свеќароски.

-Задоволен сум, имам убави услови за работа и стекнување знаења. Сакам овде да се усовршувам и да ја видам својата иднина, вели Андреј Галески.

Министерството за образование го промовираше проектот за поттикнување на практичната настава и за лво средното образование кои ги бара стопанството. Прилепското средно електромашинско училиште „Ристе Ристески Ричко“, покрај постојните во кои е и трета генерација паралелки во дуалното образование, за новата учебна година ќе отвори места за упис во занимањата: графички уредник-дизајнер, логистика во сообраќајот, за електричар и за машински механичар. ем/хс/

Остани поврзан