• четврток, 26 декември 2024

Почна постапката за доделување радиофрекфенции за 5Г

Почна постапката за доделување радиофрекфенции за 5Г
Скопје, 2 јуни 2021 (МИА) - Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ја стартуваше постапката за објава на тендер со којшто ќе додели одобренија за користење на радиофрекфенции за петтатата мобилна генерација 5Г.  Регулаторното тело објави намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за издавање ограничен број одобренија за користење на радиофреквенции и отвори јавна расправа за објавениот број одобренија која ќе трае до 5 следниот месец. Дотогаш заинтересираните страни треба да достават намера за добивање радиофрекфенции. -Предмет на јавниот тендер се: - 2х30 MHz во фреквенциски опсег 694-790 MHz, - 328.5 MHz во фреквенциски опсег 3400-3800 MHz и  800 MHz во фреквенциски опсег 24.25-27.5 GHz, стои во објавата. Агенцијата планира да додели три одобренија за користење на радиофреквенции во опсегот 700 MHz, седум одобренија за користење на радиофреквенции во опсегот 3.x GHz и четири одобренија за користење на радиофреквенции во опсегот 26 GHz. -Ако бројот на заинтерсираните страни е помал или еднаков на предвидените одобренија за доделување тогаш постапката продлжува со поднесување барања до АЕК  од заинтерсираната страна. Ако тој број е поголем постапката продолжува со постапка на јавен тендер или јавен тендер со јавно наддавање како што е предвидено во член 134 од Законот за електронски комуникации, изјавија за МИА од АЕК. Од АЕК во објавата појаснуваат дека фреквенциските опсези 700 MHz, 3.х GHz и 26 GHz согласно своите пропагациски карактеристики претставуваат важен ресурс за обезбедување електронски комуникациски услуги на корисниците преку 5Г мрежа. -Поради ограничениот слободен фреквенциски ресурс од само 2х30 MHz, 368.5 MHz и 2.7 GHz, соодветно за горенаведените опсези, потребно е да се ограничи бројот на одобренија. Во согласност со регулаторната политика во однос на користењето на радиофреквенции за обезбедување на јавни мобилни електронски комуникациски мрежи/услуги, за обезбедување на услови за присуство на пазарот на повеќе од два мрежни оператори на јавни мобилни електронски комуникациски мрежи/услуги, Агенцијата планира одобренијата А1 и В1 да ги резервира за доделување на нов мрежен оператор, наведе АЕК во образложение за причините за објавениот ограничен број одобренија за користење на радиофреквенции што ќе се издаваат. Операторите што ќе добијат одобрение за национално покривање се должни со новоиздадените и постоечките одобренија за користење на радиофреквенции да обезбедат покриеност, согласно Националниот оперативен бродбенд план. Конкретно , до крајот на 2023 година најмалку еден град да биде покриен со 5G сигнал, а до крајот на 2025 година, главните коридори согласно Договорот за основање на транспортна заедница на основната и сеопфатна патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал. До крајот на 2027 година сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал, а до крајот на 2029 година, секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5G со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps. Сите заинтересирани страни што сакаат да ги користат објавените радиофреквенции треба да достават писмо за искажување интерес најдоцна до 5 јули годинава во архивата на Агенцијата за електронски комуникации на адресата Кеј Димитар Влахов бр.21 1000 Скопје. Тони Јаневски, професор во областа телекомуникации на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, смета дека според сите предвидувања во светски рамки, до средината на оваа декада, некаде до 2025 година, доминантна и понатаму ќе биде 4G, бидејќи за новата 5G ќе биде потребно време да се имплементира и потоа да пенетрира на пазарот на мобилни услуги во дадена земја. Но, како што укажа Јаневски во интервју за МИА, ова не е нешто ново за 5G, тоа се случува со секоја мобилна генерација кога се воведува за првпат. Притоа, секоја земја оди со своја динамика при воведувањето на новите генерации на мобилни технологии. Земјите тоа не го прават изолирано од другите, туку во хармонизација со регионалните телекомуникациски тела за регулирање на телекомуникациите.  Кои фреквентни опсези ќе се доделат за 5G зависи од тоа во европскиот регион кои фреквентни опсези ќе бидат доделени во сите земји, за да може да функционира роамингот, односно корисниците да можат како и досега и понатаму да го користат истите мобилни уреди во секоја земја во која патуваат. Новитет кај 5G е што првпат ќе се овозможи функционирање на мобилните технологии и на повисоки фреквентни опсези, каде што имаат поголемо слабеење радио брановите, заради што ќе треба да се зголеми бројот на базни станици и да се намали растојанието меѓу базните станици и корисниците (секако, ваквите решенија се главно за затворени простории, како што се домови, канцеларии, молови, фабрички хали, и слично). Според Јаневски, на краток рок, може да се очекува да се добијат поголеми битски брзини по корисник во просек, како и постепено и понатаму да се зголемува максималното количество на податоци по корисник и тоа да се приближува кон неограничен пренос на податоци преку мобилната мрежа, слично како што сега е преку фиксната мрежа. Исто така, појасни Јаневски, доцнењето во мрежата ќе оди и понатаму во надолна линија, што заедно со зголемените битски брзини ќе придонесе до поголем квалитет на мобилните услуги за крајните корисници, за истата цена. Тоа ќе биде условено и од мобилниот уред кој корисникот ќе го користи. -Покрај поквалитетниот мобилен Интернет пристап, со големи битски брзини и помали доцнења од крај до крај, на подолг рок се очекува 5G да направи импакт и во различните бизнис сектори, кои се нарекуваат уште и вертикали. Така, се очекува позабрзан развој на масивен Интернет на нештата за сите сектори (инаку, Интернет на нештата постои и со постоечките мобилни мрежи – на пример, разни сензори, мерење на далечина, fleet tracking, итн., но со 5G ќе може драстично да се зголеми бројот на поврзани уреди). Исто така, клучна придобивка од 5G на подолг рок (значи, тоа нема да биде со првите имплементации во првите години) се т.н. ултра-доверливи сервиси со многу мали доцнења, кои се наменети за автоматизација на процесите во индустријата преку користење на мобилни мрежи, за различни начини на комуникации со возила и летала од различен тип (автомобили, автобуси, возови, дронови, итн.), за асистенција при операции во здравството од далечина, за градење паметни градови (што е процес кој постојано се одвива, никогаш реално не завршува), изјави Јаневски. Според него, нема штетност од 5G за луѓето, бидејќи, како што наведе, 5G стандарди поминуваат низ детални и многубројни анализи во различни меѓународни тела од областа на телекомуникациите, и глобално и регионално, пред да бидат одобрени за користење, по што всушност следува имплементацијата на мрежите во пракса. Тоа, посочува, се прави за секоја мобилна и безжична технологија, а за 5G тој процес е завршен и 5G мрежите веќе масовно се имплементираат во земјите ширум светот. На секои десет години се појавува нова мобилна генерација, во 1980-те беше првата мобилна генерација која ја немаше во Македонија), во 1990-те се појави втората генерација (2G) чиј најпознат претставник е ГСМ, а кај нас стартуваше во 1996 година со првиот мобилен оператор, во 2000-те се појавија стандардите за 3-та генерација (3G), во 2010-те стандардите за четвртата генерација (4G), а во 2020-те (тековно) се појавува петтата мобилна генерација (5G). Во тој стил,  објасни Јаневски за МИА, во 2030-те со сигурност може да очекуваме нова мобилна генерација, шестата (6G), бидејќи развојот постојано продолжува во телекомуникацискиот сектор. Стартот на постапката за доделување на радиофрекфенциите за 5Г претходно беше најавен за минатата година. На намерата на АЕК за објава на тендерот и претходеше повик во февруари лани преку кој регулаторот доби мислење од сите заинтерсирани  во врска со издавањето на одобренијата. Тогаш беа пристигнатите коментари од компаниите: Intracom Telecom, НЕОТЕЛ, Македонски Телеком, А1 Македонија и EOLO S.p.A. Двата постоечки оператори, како што информираше тогаш АЕК, се изјасниле дека поради условите со ковид пандемијата се за одложување на постапката за годинава. Лидија Велковска    

Тагови

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан