• сабота, 23 ноември 2024

Почна пленарната седница за избор на владата

Почна пленарната седница за избор на владата

Скопје, 22 јуни 2024 (МИА) - Во Собранието почна пленарната седница за избор на владата предложена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Се очекува Мицкоски да ја образложи програмата и предлогот за состав на владата по што треба да започне дебатата по предлогот. 

Според собранискиот Деловник, предвидено е седницата да трае најмногу два дена, односно треба да заврши најдоцна до утре на полноќ. Владата ќе биде избрана ако за неа гласале мнозинството од вкупниот број на пратеници. 

На 18 јуни, по поднесувањето на предлогот за состав на владата, Мицкоски изјави дека очекува расправата да заврши до недела до полноќ, a од понеделник веќе да почнат со работа. Најави бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата и немање толеранција за никого, доколку стори злоупотреба, без разлика од која партија доаѓа.

Во новата влада ќе има вкупно 20 министерства, четири повеќе од досега. Владата ќе брои 24 члена. Покрај премиерот, ќе има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Мицкоски ќе има пет заменици односно вицепремиери, а еден од нив ќе биде „прв вицепремиер“. Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ. бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан