• четврток, 26 декември 2024

Почна пленарната расправа по Дополнетиот ребаланс на Буџетот

Почна пленарната расправа по Дополнетиот ребаланс на Буџетот
Скопје, 11 јули 2022 (МИА) - Во Собранието денеска на пленарна седница се разгледува Дополнетиот ребаланс на Буџетот, што е воедно и единствена точка на дневниот ред. На почетокот од седницата, која почна со едночасовно задоцнување поради прес-конференциите на пратениците во врска со координативната седница свикана од собранискиот спикер Талат Џафери, министерот за финансии Фатмир Бесими даде образложение за Дополнетиот ребаланс на буџетот и обраќајки им се на пратениците рече оти со поддршка на ребалансот на Буџетот се дава поддршка за повисоки пензии, повисоки плати, субвенции за поддржување на земјоделците и други антикризни мерки. - Врз основа на светската ситуација и економските предизвици, очекувањата за движењето на цените како и другите развивања за зголемување на глобално ниво за политики кои се случуваат на светските пазари и за монетарните политики да се направи намалување на овој економски циклус за намалување на висока инфлација, се продолжува со подготовка на ребаланс на буџет за да се направат најпотребните работи за справување со кризата. Тука има два приоритети - прво да ја одржуваме макроекономската стабилност и да ја поддржиме економијата за справување и олеснување на последиците како и да создадеме едно одржливо ниво, појасни Бесими. Бојан Стојановски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека овој Ребаланс на буџетот се случува во многу тежок момент за државата и со овој документ, според него, се докажува дека земјава во „моментов е банкротирана и со брз чекор се движи кон рецесија и сиромаштија“. - Забелешки на вака конципираниот ребаланс имаа синдкатите, коморите, органзиацијата на работодавачи, експертите и академската јавност. Во Македонија се случува економска катастрофа и во континуитет со оваа Влада буџетскиот дефицит се зголемува, нагласи Стојановски, кој обвини дека Владата не нуди решенија, а одбива да прифати решенија кои ги нуди опозицијата. Тој посочи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе голем број амандмани, но оние кои биле суштински не се прифатени. - ССМ и КСС не ги добија нивнтие барања, во буџетот нема линеарно зголемување на платите. Со ова нема да добиеме ништо. Потребени се предвремени избори, смета Стојановски. Според Жаклина Лазаревска, пратеничка од СДСМ, ребалансот е соодветен и навремен фискален одговор на тековните глобални случувања. - Ребалансот е целосно наменет за заздравување на економијата од пандемијата и од кризите како економска и енегретска, за поддршка на граѓаните и компаниите. Со овој ребаланс се оебзбедуваат нови 76 милиони евра за мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на фирмите, рече Лазаревска. Согласно собранискиот Деловник, расправата по ребалансот на пленарна седница трае најмногу пет работни дена. Во изминатиот период, ребалансот на Буџетот беше разгледан на собраниската Комисија за финансирање и буџет, каде се одвиваше и амандманската расправа. Во Дополнетиот ребаланс на Буџетот се вградени амандмани со кои се обезбедуваат дополнителни 25 милиони денари за здравството, животната средина и инфраструктурата. Вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за 6,9 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот или 2,9  проценти. Вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или повисоко за 5,9 проценти, односно за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3 проценти од БДП. Со ребалансот се обезбедуваат 19 милијарди денари повеќе во ставки коишто се однесуваат на имплементирање на економските мерки за поддршка на граѓаните и економијата. Меѓу нив се дополнителна финансиска поддршка од 4,7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите, 3,2 милијарди денари за поддршка на земјоделскиот сектор, 2,4 милијарди денари за гарантиран минимален приход, повеќе средства за предвидениот раст на пензиите, за платите во образование и детска заштита, како и за поддршка на компаниите за субвенционирање на придонесите за минималната плата. Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,1 милијарди денари, при што се планирани инвестиции во реконструкции и модернизациии со опрема кај јавните здравствени установи, капитални инвестиции во областа на образованието, детската и социјалната заштита, во областа на патната, железничката и комуналната инфраструктура, исполнување на договорите во областа на одбраната и безбедноста, како и зголемен износ на средства за рурален развој, односно хидро системи, водоснабдителни и канализациони системи, останата водостопанска инфраструктура. Економскиот раст е проектиран на 3,2 проценти придвижен од домашната потрошувачка, која се очекува да забележи раст од 3,3 проценти. Бруто-инвестициите се очекува да имаат раст од 5 проценти, при што покрај капиталните буџетски расходи, соодветен придонес се очекува и од приватните инвестиции. мс/сп/

Остани поврзан