• недела, 24 ноември 2024

Почна летното сметање на времето, нè очекуваат подолги денови, но и психофизички последици

Почна летното сметање на времето, нè очекуваат подолги денови, но и психофизички последици
Скопје, 27 март 2022 (МИА) – Психофизичките последици се неминовни при секое поместување на стрелките на часовникот, велат стручните лица. Тоа значи дека скоро секој од нас денеска, при започнувањето на денот има почувствувано поспаност, а можеби и главоболкa, и промена во расположението. Изминатата вечер со поместување на стрелките на часовникот за еден час понапред почна летното сметање на времето. Иако, Европската комисија пред неколку години испрати предлог до Советот на Унијата за да се укине поместувањето на стрелките на часовникот со што ќе остане во сила зимското сметање на времето, земјите-членки на ЕУ не се договорија за предложеното укинување на часовникот, со што овој режим продолжува да се применува. Меѓутоа, ваквите промени според доктор Бојан Трајковски имаат директно влијание врз хормонскиот систем, имуниот систем и работата на срцето. Тој појаснува дека промените се бројни. -Традиционално двапати годишно се случува познатата промена во стрелките на часовникот, но многу ретко се посветува внимание што може да направи и како тоа ќе делува на човечкото здравје. Науката вели дека главните промени кои настануваат се во циклусот на спиење кое пак е директно врзано со хормонскиот систем, имуниот систем и работата на срцето. Согласно тоа последиците т.е. промените се бројни од промена во апетитот, промени во расположението, појава на хипертензија, односно покачен крвен притисок, пропратена со тахикардичен синус ритам забрзан пулс, раздрасливост, несоница, главоболни, мачнини, омалаксаност, промени во концентрацијата и меморијата, вели доктор Трајковски за МИА. Почетокот на летното сметање на времето претставува и почеток на проблемите особено за лицата со хронични заболувања. И како што вели доктор Трајковски, кај овие лица е потребно особено подолг период, а некогаш и промена во терапијата со цел успешна стабилизација. - Најголемите промени ги гледаме кај луѓето кои боледуваат од хипертензија и кај жени со чести мигренозни атаки. Делуваме согласно симтоматологијата и со терапија која би ги олеснила постоечките симптоми и би им помогнала полесно да ја пребродат промената, појаснува Трајковски. За стресот и заморот како една од последиците од оваа промена, психологот Атанас Иваноски објаснува дека овие појави честопати доведуваат до состојба во која се намалува продуктивноста кај човекот. - Со оглед на тоа што може да предизвика стресот, како и искусувањето на психофизичкиот замор како состојба, тогаш за очекување е истите да влијаат негативно врз продуктивноста кај поединецот и намалување на неговата мотивација за извршување на одредени активности. Многу често, ова е тема на голем број истражувачи кои во своите истражувања ги имаат вклучено стресот и состојбата на психички и физички замор како релевантни независни варијабли со цел да утврдат како истите влијаат врз степенот на продуктивност и во кој степен е изразена нивната поврзаност. Несомнен е фактот дека поголем дел од спроведените истражувања потврдуваат дека стресот и заморот имаат влијание врз продуктивноста и дека постои одредена поврзаност, вели психологот Иваноски. Доктор Трјковски подвлекува дека онаа група на луѓе која е навикната на фиксно работно време речиси секогаш се соочува со потешкотии при прилагодувањето. - Кај секој се одразува различно. Одредена група на луѓе лесно ги поднесува ваквите промени особено ако работното место е со сменско работење, па промените во биоритамот не се необични за ваквите луѓе, додека онаа другата група која е научена на фиксно работно време и стабилен биоритам речиси секогаш се соочува со потешкотии во регулирањето на промените кои кај нив ги носи ваквото поместување на часовникот, изјави тој. Од друга страна, пак, од Организацијата на работодавачи за МИА изразија загриженост, велат дека ја поддржуваат идејата да се прекине праксата на промена на сметањето на времето во зима и лето. - Многу истражувања во ЕУ потврдија дека промената на стрелките на часовникот негативно влијаат на работниците и дека предизвикува стрес кај организмот. Затоа ја подржуваме европската иницијатива да се прекрати со промената на времето во зима и во лето. Се разбира дека почетокот и завршетокот на работното време ќе треба да го утврди секоја компанија поединечно во зависност од дејноста, структурата на работната сила и други фактори, истакнуваат оттаму. Потенцираат дека од оваа промена особено се засегнати работничките во текстилната индустрија. - Некои работодавачи укажуваат на фактот дека на работниците во прва смена кои доаѓаат буквално уморни на работа им е потребно време од половина час да можат да отпочнат продуктивно да работат. Ова е особено присутно во текстилната индустрија каде работничката е потребно да го прекрати сонот еден до два часа пред почетокот на работното време за да може децата да ги подготви за градинка и да ги однесе до градинката. Затоа кај оние дејности каде се работи само во една смена работното време треба да им овозможи на работниците доволно време за сон и одмор, оценуваат од Организацијата. Истражување спроведено од страна на Универзитетот во Колорадо Болдер, посочува на тоа дека фаталните сообраќајни несреќи во САД се зголемуваат за 6 проценти во текот на работната недела по „пролетта напред“, што резултира со дополнителни смртни случаи секоја година. Студијата, објавена на 30 јануари проценува дека севкупно, во текот на дваесет и две годишните анализирани податоци, околу 627 луѓе загинале во сообраќајни несреќи со фатални последици поврзани со пролетното префрлање на летното сметање на времето. Сепак, кога станува збор за летното сметање на времето постојат и одредени предности, па така со поместувањето на стрелките на часовникот денот ќе биде поголем, а ние ќе бидеме изложени повеќе на сонце, односно на витаминот Д. Во однос на предностите, доктор Трајковски наведе неколку препораки, истакнувајќи дека придржувањето кон нив ќе овозможи полесно справување со промената. - Како и секогаш препораката е да се искористи што е можно повеќе од денот. Тоа подразбира чести прошетки во природа, да сме на сонце и околно зеленило, да се конзумира повеќе овошје и зеленчук, водата да ни биде вклучено со некој минимум од 2 до 3 литри дневно, а како ќе се зголемуваат температурите консумацијата на алкохол и тоа како треба да ја намалиме сè со цел, намалување на можноста за дехидратација, а со тоа и нови промени во здравствената состојба на луѓето. Физичката активност е нешто кое е секако препорачливо без разлика на возраста, особено кај пациенти со обезност и променети крвни параметри со цел нивно регулирање преку активност, без употреба на медикаментозна поддршка, порачува Трајковски. На прашањето колку време ќе ни биде потребно за да се прилагодиме, тој посочува дека временскиот интервал секогаш е индивидуален и најчесто зависи од моментално здравје на човекот, начинот на живот, стресот со кој се соочува на дневно ниво, како и секојдневните работни обврски. Во годината вообичаено е часовниците да се поместуваат еден час нанапред напролет, а да се враќаат еден час наназад наесен. Овој систем е предложен во 1905 година од Вилијам Вилет, а првпат бил широко применет во 1916 година како военовременска мерка насочена кон заштеда на јаглен. И покрај несогласувањата, многу земји го користат. Денеска во Европа е прифатено летното сметање на времето да започнува во последната недела од март, а да завршува во последната недела на октомври. Во САД летното сметање започнува во втората недела на март, а завршува во првата недела на ноември. На јужната полутопка почетокот на летното време е обратен од северната. Автор: Симона Србиноска ФОТО: МИА

Остани поврзан