• вторник, 24 декември 2024

Почна координативната средба на Арсовска со претставниците на советничките групи за излез од кризата на Град Скопје

Почна координативната средба на Арсовска со претставниците на советничките групи за излез од кризата на Град Скопје

Скопје, 22 август 2024 (МИА) – Во Град Скопје почна координативната средба на претставници на советничките групи со градоначалничката Данела Арсовска на која се очекува таа да го презентира планот за излез од кризата во главниот град. 

Средбата е затворена за јавност, а непосредно пред почетокот, координаторите на советничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ изразија оптимизам во однос на состанокот.

Мартин Стојановски, координатор на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ, изрази надеж дека овие средби во иднина ќе бидат отворени за граѓаните. 

- Жалам што очекувавме денеска да имаме седница на Совет, но, видовте дека имаме затворена координација, која според мене требаше да биде јавна. Се надевам дека во иднина овие координации ќе бидат отворени за јавноста, граѓаните навистина да можат да видат за што точно се работи, да ги слушнат аргументите и на советничките групи, и на градоначалникот, од другата страна, изјави Стојановски.

Се надева дека предлозите ќе бидат прифатливи, издржани и аргументирани.

Координаторот на советничката група на СДСМ, Горан Шутаров очекува на средбата да биде предложен план којшто понатаму ќе треба да се изгласа.

- Oчекувам дека пред советниците на оваа координативна средба ќе биде предложен определен план што понатаму треба да се изгласа. Ние остануваме конструктивни во делот на прифаќање нa предлози и давање сугестии за тоа како може да се подобрат состојбите, исто како и во претходните две години, рече Шутаров. 

Очекувањата од средбата, којашто е во тек, се градоначалничката Арсовска да презентира план за состојбата во хигиената и јавниот превоз во градот, конкретно за јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и за Јавното - сообраќајно претпријатие - ЈСП.

Наредната седница на Советот на Град Скопје е закажана за следниот четврток, на 29 август. ар/вг/


Фото: МИА 

Остани поврзан