• четврток, 26 декември 2024

Почна изградбата на пречистителната станица за вода во Делчево

Почна изградбата на пречистителната станица за вода во Делчево
Делчево, 31 октомври 2022 (МИА) - Почна изградбата на пречистителната станица во Делчево која ќе обезбеди чиста вода за пиење и минимални загуби. На поставувањето на камен темелникот присуствуваа премиерот, Димитар Ковачевски, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, заменик-амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во Скопје, Лусијан Егертер, претставници од фирми-парнтери во проектот и граѓани на Делчево, беше означен почетокот на изградбата на новата пречистителна станица за вода за пиење со придружни објекти во рамките на големиот Проект за подобрување на водоснабдувањето на Делчево. Станува збор за проект вреден 7,3 милиони швајцарски франци од кои шест милиони се донација од Швајцарската конфедерација, 1, 3 милиони се инвестиција на Владата преку Министерството за животна средина, додека 30.000 швајцарски франци се учество на Општина Делчево. Како што рече премиерот Ковачевски, оваа капитална инвестиција е само една во низата вложувања за долгорочен развој на земјата. Тој подвлече дека еден од столбовите на владините политики е рамномерниот регионален развој, зашто секој град и секој регион заслужува да биде убаво место за живеење. - Политиките што ги креира Владата се сопфатни и никого не изоставуваат, без разлика дали станува збор за проекти за развој на општините, за мерки за ублажување од енергетската криза. Од грижа за најранливите граѓани, за пензионерите, преку мерки за обезбедување на ликвидноста на стопанството, субвенционирање на струјата со 80% за над 600.000 домаќинства и над 72.000 мали потрошувачи фирми кои ги вработувааат најголем дел од вработените во државата, до мерки за прехранбената индустрија за да се нмалат цените на основните производи, до поддршка за развојот на општините, мислиме на секого, затоа што сите граѓани за нас се подеднакво важни.  Како Влада поддржавме инвестиции од над 250 милиони евра во општините, ќе го поправиме она што со децении не е направено, секој заслужува квалитетен живот, истакна Ковачевски. Според градоначалникот Трајковски, со реализацијата на проектот се решава децениски проблем во Делчево, се носи чиста вода за пиење во секој дом, а загубите се сведуваат на минимум. -Проектот „Подобрување на водоснабдувањето на Делчево“ се имплементира изминативе 4 години, период во кој се реализираа сите неопходни административни работи, но се работеа и елаборати, анализи, за да се најде најсоодветното решение за конечниот резултат-чиста вода за пиење и минимум загуби на вода. Паралелно, се гради нова водоводна линија во две делчевски села Габрово и Ѕвегор со што жителите за прв пат ќе добијат современ водоводен систем и ќе се приклучат на градскиот водовод. Во рамките на проектот влегуваат и изградбата на фотоволтаична централа и оперативна зграда со лабораторија, изградба на прекидна комора на главната доводна цевка од браната Лошана до станицата во село Тработивиште, реконструкција на главната водоводна цевка од село Тработивиште до Делчево и реконструкција на бунарите во Делчево и село Тработивиште, како и реконструкција на резервоарот за вода во близина на село Ѕвегор, напомена Трајковски. Министерот Нуредини рече дека проектот за водоснабдување на Делчево има уште една многу важна компонента, за работа на пречистителната станица за вода ќе се користат најдобродостапните техники засновани на обновливи извори на енергија. - Од аспект на МЖСПП сакам да нагласам дека интензивно се работи на поддршка и на другите општини за изградба на инфраструктура за водоснабдување  и одведување отпадни води. Во моментот одобрени се средства во висина од 55 милини евра прекукредитната линија на ЕБОР. Наскоро ќе биде објавен јавен повик и средствата ќе бидат достапни за општините, истакна Нуредини. Швајцарија континуирано обезбедува стратешка поддршка на регионот на Брегалница, во износ од повеќе од 50 милиони франци до денес. -Kако продолжение на оваа поддршка и посветеноста да им се помогне на жителите на општина Делчево, горд сум што Швајцарија одлучи да придонесе во напорите за подобрување на состојбата со водата за пиење. Очекувам за две години повторно да се собереме овде за да прославиме официјално пуштање во употреба на пречистителната станица заедно со граѓаните на Делчево, нагласи заменик-амбасадорот Лусијан Егертер. вс/мч/

Остани поврзан