• четврток, 26 декември 2024

Почна изградбата на нова водоводна мрежа во Средно Нерези

Почна изградбата на нова водоводна мрежа во Средно Нерези
Скопје, 11 јуни 2020 (МИА) - ЈП „Водовод и канализација“ Скопје и Општина Карпош почнаа изградба на нова улична секундарна водоводна мрежа низ локалитетот Средно Нерези. Како што информираат од „Водовод и канализација“, со оваа реализација ќе се напушти од употреба постоечката мрежа која е од несоодветен материјал и профил и поминува низ дворовите на постоечките објекти а генерално била градена самостојно од самите жители. -Со желба да се излезе во пресрет на барањата на жителите од овој локалитет, сега ние заедно со Општина Карпош, почнувме активности за докомплетирање на постоечкиот водоводен систем за Средно Нерези на начин што ќе овозможи поквалитетно водоснабдување за жителите, истакна Душко Весковски, директорот на ЈП „Водовод и канализација“ на денешната прес - конференција.

Најпрвин ќе се пристапи кон реконструкција на постоечката водоводна мрежа по улиците од локалитетот, кон дооформување на циркулациски прстени на истата и потоа реализација на приклучоците за секој од објектите кои се заведени како корисници на услугите на претпријатието.

Како што посочи Весковски, вкупната инвестиција за изведба на секундарната водоводна мрежа во високата зона во населбата Средно Нерези, согласно проектно техничката документација, изнесува 14.423.660,00 ден. -Имајќи предвид дека реализацијата на проектот е заедничка инвестиција на ЈП „Водовод и канализација“ и Општина Карпош, согласно договореното, набавката и монтажата на потребниот материјал ќе биде обврска на ЈП „Водовод и канализација“  и е во вредност од 7,058,820.18 ден. Изведбата на градежните работи и враќањето во првобитна положба на ископините ќе бидат покриени од страна на Општина Карпош во вредност од 7,364,839.05 денари, посочи Весковски.бт/дма/

Остани поврзан