• недела, 28 јули 2024

Почна изградбата на вториот дел од велосипедската патека во Штип

Почна изградбата на вториот дел од велосипедската патека во Штип
Штип, 9 септември 2022 (МИА) - Почна втората фаза од изградбата на велосипедската патека во Штип. Градежни активности имаше на сега посточката пешачка патека покрај река Брегалница, на потегот од  населбата Балканска кон населбата Осми Ноември.
На овој потег почна асфалтирањето, но и проширување на оваа пешачка патека покрај која ќе има нова велосипедска. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека очекува деновиве да заврши изградбата.
-Се врши нанесување на асфалтна маса и проширување, реконструкција на претходно постоечката пешачка патека со можност на истата да се постави велосипедска лента која ќе служи, освен пешаци овој потег да го користат и велосипедисти. Ова е вториот дел од предвидената велосипедска патека која се протега од Ново Село до Балканска во вкупна должина од шест километри. Потегот од Осми Ноември до Ново Село веќе е завршен. Деновиве очекуваме да се асфалтира потегот од населбата Балканска до Осми Ноември и со тоа практично да се заврши најавената велосипедска патека во должина од шест километри, рече Јорданов.
По завршувањето на нанесувањето на асфалтна маса, се очекува обележување на велосипедската патека која ќе биде од корист за граѓаните во Штип. Средствата за целосна изградба на велосипедската патека во должина од шест километри се обезбедени од Буџетот на Општината.
-Морам да напоменам дека потегот од населбата Осми Ноември до Балканска е целосно осветлен со поставени стотина нови канделабри, со што овој дел ќе се користи и во ноќните часови. Вкупниот износ е нешто повеќе од десет милиони денари на оваа целосна велосипедска патека и е едно до предизборните ветувања кои ги дадовме дека ќе ја прошириме и ќе ја доуредиме пешачката патека со велосипедска лента, додаде Јорданов.
Ова е првата велосипедска патека која ќе ја добијат штипјани и ќе биде веднаш до постоечката пешачка патека покрај река Брегалница. За велосипедската патека е предвидено доуредување, за што ќе се обезбедат нови финансиски средства. вдј/сст/

Остани поврзан