• четврток, 26 декември 2024

Почна замена на прозорци и партерно уредување во кумановското училиште „Наце Буѓони“

Почна замена на прозорци и партерно уредување во кумановското училиште „Наце Буѓони“
Куманово, 13 декември 2020 (МИА) - Почна поставувањето на нова надворешна столарија во кумановското средно техничко училиште „Наце Буѓони“, објави кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. Освен замената на старата столарија со нови прозорци, во тек е и уредување на паркинг просторот во рамки на училиштето кое ќе биде во функција и на атлетското игралиште, кое се наоѓа во непосредна близина на училиштето. Партерното уредување на просторот околу училиштето се спроведува согласно завршениот тендер за која беа предвидени околу 3, 3 милиони денари. Градежните активности почнаа околу училишната зграда. Предвидено е да се уреди целосно дворот, просторот околу спортската сала, да се постават бекатон патеки околу новоизградената спортска сала, да се поврзат работилницата, училишната зграда и спортската сала, асфалтно да се поврзе просторот помеѓу дворот и улицата „Бајрам Шабани“ и двата влеза на училиштето. Наскоро се очекува да почне и инсталацијата на греењето во работилницата која ја користат ученици за практично изведување на наставата. Тендерите за овие активности беа завршени и избрани се компании. Од општинскиот буџет беа предвидени да се одвојат по 2,2 милиони денари и за фасадна столарија и за поставување греење во работилницата. Училишната зграда е стара повеќе од шест децении, а во ова стручно училиште настава следат околу 2.000 ученици на македонски и албански наставен јазик. ам/аа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан