• сабота, 23 ноември 2024

Почна жетвата на оризот во Кочанско, земјоделците незадоволни од откупните цени

Почна жетвата на оризот во Кочанско, земјоделците незадоволни од откупните цени

Кочани, 24 септември 2024 (МИА) – Земјоделците од кочанскиот регион ја почнаа жетвата на оризот од овогодишната реколта и првичните приноси ветуваат добар род на арпата. При лупењето на оризовото зрно рандманот достигнува околу 50 отсто бел ориз, но оризопроизводителите се разочарани од откупните цени.

Најавите што ги добиле од откупно-преработувачките капцитети се дека килограм оризова арпа, во зависност од рандманот и сортата, ќе се откупува од 26 до 33 денари. Поради тоа земјоделците бараат да се изготви нова пресметка за производната цена, што е основа за откупната, затоа што актуелните 27 денари за трошоци за производство се далеку под реалните.

- Сè уште се водиме според онаа производна цена што беше пресметана од пред две-три години. Меѓутоа, од тогаш до денес имаме промени во производството, зголемена употреба на хербициди и пестициди, инфлација, со што и трошоците секако дека се зголемуваат. Потребно е да се направи либерализација на пазарот на оризот за да се обезбеди негово производство и во иднина на овие простори, истакна Стојче Ташовски од Националната мрежа на земјоделци.

Пролетва со ориз во Кочанско беа посеани околу 3.800 хектари од кои се очекува до крајот на октомври да се ожнеат 20 илјади тони оризова арпа, од кои по преработката треба да се добијат околу десет илјади тони ориз. та/цр

фото: МИА

Остани поврзан