• среда, 25 декември 2024

Почна доделувањето ваучери за инвертер клима-уреди од повикот објавен во февруари годинава

Почна доделувањето ваучери за инвертер клима-уреди од повикот објавен во февруари годинава

Скопје, 3 ноември 2024 (МИА) - Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека е почнато доделувањето ваучери за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди, наменети за домаќинствата кои ги исполнуваат критериумите на јавниот повик, објавен на веб-страницата на Министерството за економија на 1 февруари 2024.  Согласно Програмата за поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата за 2024 година, се доделуваат над 6000 ваучери за инвертер клима-уреди.

-Списоците на избрани корисници, како и списоците на правни субјекти со кои Министерството има склучено договор за реализација на ваучерите, се објавени на веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини https://www.ea.gov.mk/. Овие информации се јавни и достапни за сите заинтересирани. Со цел појаснување на процесот, важно е да се напомене дека конкурсот и изборот на корисниците беа управувани од Министерството за економија, кое беше надлежно и за евалуација и за конечниот избор на граѓаните кои ги исполнуваат условите, како и избор на правните субјекти каде граѓаните ќе можат да ги искористат овие ваучери. По направениот избор, Министерството за енергетика ја презеде обврската за организирање и спроведување на доделувањето на ваучерите. Овој обемен процес е успешно координиран од тимот на Министерството, обезбедувајќи навремено доделување на ваучерите пред почетокот на зимската сезона, информира Министерството за енергетика.

По објавата на списоците, како што посочува, почнале со дистрибуција на ваучерите до општините. Тие ќе може да се подигнат во специјални регионални канцеларии кои се отворени само за оваа намена. Точната локација и работното време на канцелариите ќе биде дополнително објавено на веб-страницата на Министерството.

-Граѓаните можат да ги искористат ваучерите за набавка на инвертер клима-уреди најдоцна до 30 ноември 2024. По овој датум, неискористените ваучери ќе се сметаат за неважечки. Согласно Јавниот оглас за финансиска поддршка преку доделување потврда-ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди за ранливи потрошувачи за 2024 година, предвидени се ваучери од 27.000 денари за лица со ниски примања (приходи до 21.000 денари за самец, 30.000 денари за домаќинство со два члена, и 35.000 денари за домаќинство со три члена). За домаќинства со четири члена, предвиден е ваучер од 30.000 денари, а за домаќинства со пет или повеќе члена – 45.000 денари. Дополнително, за неранливи потрошувачи од Пелагонискиот и Југозападниот регион предвидени се ваучери од 25.000 денари, а за останатите региони - по 23.000 денари, наведува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. хс/цр

Фото: МИА архива 

Остани поврзан