• среда, 18 декември 2024

Почна доградбата на детската градинка во карбинското село Таринци

Почна доградбата на детската градинка во карбинското село Таринци

Карбинци, 14 декември 2024 (МИА) - Поставен е камен темелникот на доградбата на детската градинка „Кокичиња“ во село Таринци во Општина Карбинци, на кој присуствуваа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.

Проектот е со вкупна вредност од 19.300.000 денари, а парите се  обезбедени од Министерството за труд и социјална политика, и кофинансирање на Општина Карбинци, кое изнесува  околу 30%. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов вели дека  со доградбата на оваа градинка ќе се намали листата на чекање на дечињата од ова населено место. Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Велковски изјави дека камен темелник на доградба на детска градинка ќе значи зголемување на капацитетот  за нови 50 дечиња, кои ќе може да ги прими оваа детска градинка.

-Навистина е добро што листата на чекање во Општина Карбинци се големи со што покажуваме дека демографијата е во позитива. Оние проекти кои беа заглавени во делот на детската заштита, во изминатиот период на голем дел од градинките поставивме камен темелници или беа отворени. Во следниот период ќе се отворат и градинките во Битола, Прилеп и Свети Николе, вели Велковски.

Во меѓувреме откочен е и процесот за нови вработувања во детските градинки. Повеќе од 2.100 воспитувачи и негователки ќе имаат можност да добијат лиценци и да се вработат во детските градинки.

Премиерот, Христијан Мицкоски, посочи дека родителите треба да бидат спокојни бидејќи ќе има место нивните деца да бидат згрижени во детските градинки.

-Со ова драматично ќе се подобрат во позитивна смисла условите за децата. Капацитетот е 50 дечиња, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека и наредниот период продолжуваат со реализација на проекти во сите населени места. вдј/сст/

Фото: МИА 

Остани поврзан