• среда, 13 ноември 2024

Почна Дигиталалниот самит во Сараево

Почна Дигиталалниот самит во Сараево

Сараево, 4 октомври 2023 (МИА) - Заедничката иднина на земјите од Западен Балкан е во поврзувањето, а дигиталните технологии се клучни средства за постигнување на таа цел, потенцираа учесниците на регионалниот шести Дигитален самит што денеска беше отворен во Сараево.

Мајлинда Брегу, генерален секретар на Советот за регионална соработка (СРС), кој е коорганизатор на состанокот, како конкретна придобивка го истакна тоа што цените на роаминг меѓу земјите од регионот и Европската унија се намалени во просек за 99 проценти од 1 октомври.

-Цената за пренос на еден гигабајт податоци во роаминг беше околу осум илјади евра, а по намалувањето ќе биде најмногу околу 14 евра. Тоа ќе значи пониски сметки за жителите на регионот кои патуваат во ЕУ, но и за граѓаните на ЕУ кои патуваат во регионот, додаде Брегу.

Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто рече дека БиХ и земјите од Западен Балкан имаат огромен потенцијал.

-За да го постигнеме, мора да работиме заедно, да споделуваме идеи, искуства и најдобри практики, додаде таа.

Министерот за транспорт и врски на БиХ, Един Форто, кој е и домаќин на Самитот, рече дека овој Самит е еден од ретките каде што не се зборува за минатото, туку исклучиво за иднината.

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји во видео порака истакна дека кибер безбедноста е високо на агендата на Европската комисија и додаде дека Брисел ќе им помогне на земјите од Западен Балкан да ги достигнат европските стандарди.

Дигиталниот самит на Западен Балкан е дел од Берлинскиот процес и иницијативите на Советот за регионална соработка (RCC). Повеќе од 400 учесници се пријавени за овогодинешниот шести дигитален самит на Западен Балкан во Сараево. Минатогодишниот самит се одржа во Подгорица. мс/

фото: Принтскрин

Остани поврзан