• сабота, 26 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Почна Делфи економскиот форум во Грција, учествуваат министрите Муцунски и Димитриеска-Кочоска

Почна Делфи економскиот форум во Грција, учествуваат министрите Муцунски и Димитриеска-Кочоска

Атина, 9 април 2025 (МИА) – Со говори на грчкиот и бугарскиот претседател Константинос Тасулас и Румен Радев во грчкиот планински град со античко и историско значење Делфи, денеска почна десеттиот јубилеен Економски форум на кој учествуваат и шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, јави дописничката на МИА од Атина. 

Грчкиот претседател во говорот на отворањето нагласи дека Грција секогаш се усогласува со Западот, во како што рече, нејзина корист, посочи дека западната и европска ориентација „не беа моментална одлука диктирана од тактика или опортунизам, туку резултат на долгорочен процес и долгорочна стратегија“, а се осврна и на важноста на сојузништвата посочувајќи дека главната дипломатска цел на е „никогаш повеќе земјата да не биде изолирана“.

- Стратешкото усогласување со Западот и почитувањето на меѓународниот легитимитет станаа прифатени принципи, речиси универзални и на крајот не беа доведени во прашање, дури и во екстремно тешките ситуации што ги доживеа нашиот народ во претходната деценија. И тоа е затоа што Европа, Западот, отсекогаш беа безбедно сидро, како во нормални услови, така и особено во периоди на големи превирања, порача Тасулас.

Бугарскиот претседател Радев се осврна на односите со Грција кои ги карактеризираше како стратешки и придонесуваат за стабилноста и безбедноста, нагласувајќи дека „соработката е подобра од војните“, говореше за актуелната ситуација во светот и Европа, рече дека е деветта година претседател и „никогаш не било потешко да се говори за иднината“.

Истакна дека пропаѓаат безбедносната архитектура и воспоставените бизнис модели, новите царини веќе ги тресат пазарите, а за одговорот на ЕУ посочи дека треба да ја зајакне својата улога во неколку клучни области како што се безбедноста, стратешката автономија, конкурентност, пазарот на капитал маркети, иновациите и вештачката интелигенција, како и европското единство, но и порача дека „за да се справиме со предизвиците од иднината треба прво да ја научиме лекцијата од нашето минато, во спротивно нашите напори, пари и време нема да донесат резултат“.

- Сигурен сум дека обединета Европа ќе ги надмине актуелните предизвци ќе за зајакне својата позиција и ќе го зголеми своето влијание во нашиот турбулентен свет и ќе ја сфати важноста на заканите, ќе го покачи нивото на амбиции и секако ќе развие заеднички стратегии како да биде успешна во иднина, порача Радев.

Економскиот форум во Делфи како и секоја година на едно место ќе собере политичари, претставници на влади, академци, истакнати личности од повеќе области, кои ќе дискутираат на низа актуелни теми, а најавени се над 1.000 говорници од 55 земји. 

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, утре попладне ќе учествува на панел за односите меѓу САД и ЕУ, а во Делфи е и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Од Грција, освен шефот на државата, под чие покровителство е форумот, во Делфи ќе биде и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, голем број министри од Владата, како и лидери на опозициските партии.

Форумот ќе опфати повеќе теми како што се: геополитичката и меѓународната безбедност, светската економија, климатските промени, технологијата, како и граѓаните и општеството.

Делфи економскиот форум, што оваа година е десетти и јубилеен е независна, непрофитна организација со меѓународен карактер, каде секоја година се среќаваат престижни личности од економијата, политиката и академската заедница, а целта е да се прикаже реална рамка на цели и активности, да се бараат политики за справување со глобалните предизвици и да се најдат соодветни решенија за сложените прашања, како и да се промовираат иновативни идеи за одржлив и конкурентен раст за Европа и поширокиот регион на Источен Медитеран. ср/лв/

Фото: Делфи економски форум

Остани поврзан