• четврток, 12 февруари 2026

Почна да се гради училишна спортска сала во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае

Почна да се гради училишна спортска сала во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае

Скопје, 12 февруари 2026 (МИА) – Во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае денеска беше поставен камен-темелник на училишна спортска сала, која се планира да се гради на површина од 1400 квадратни метри и да има капацитет за 400 гледачи. Ќе биде повеќенаменска, односно за различни спортови, и покрај за настава по физичко образование на учениците, за тренинзи ќе може да ја користат и спортските клубови од општина Карпош. 

На настанот беше премиерот Христијан Мицкоски кој изјави дека објектот добива физиономија откако е одблокирана процедурата за изградба.

-Беше заглавена изградбата и проектот самиот по себе, но еве гледате за колку кратко време, можеби недела до две, веќе почнува да се извишува. Тоа е добро затоа што е дел од образовниот процес, добро е што жителите на овој дел од градот ќе може да ја користат оваа спортска сала и најважно што учениците од ООУ „Димо Хаџи Димов“ ќе имаат современ спортски објект каде што ќе може да се натпреваруваат во кошарка, во ракомет и во други спортови. Геометријата на самиот проект одговара на барањата и потребите на врвните федерации и тоа  посебно треба да се истакне за овој проект, изјави Мицкоски додавајќи дека по успешно завршените подготвителни активности проектот е препуштен на компанијата изведувач. 

Министерката Весна Јаневска изјави дека новото раководство на Општина Карпош покажува дека образованието ќе му биде еден од приоритетите.

-МОН ќе продолжи да ги поддржува сите проекти – како од повикот на Владата за инфраструктурни промени во општините, така и со свои проекти. Така, во ова училиште „Димо Хаџи Димов“ во март ќе почне изградбата на уште седум училници заради одржување едносменска и целодневна настава. Заедно продолжуваме со градежната офанзива и уште едно училиште во општината – „Петар Поп Арсов“ ќе добие дополнителни училиници за да може да се спроведува едносменска и целодневна настава, посочи Јаневска. 

Соопшти дека во тек е реконструкцијата на 30 училишни спортски сали и дополнително 30 почнуваат да се градат во училиштата каде што е неопходно.

- Она што го ветивме пред изборите во сите општини, вклучувајќи ја и Општина Карпош, почнуваме сериозно да го исполнуваме, додаде министерката за образование и наука. 

Градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, во изјава за медиумите нагласи дека поставуваат нови стандарди за да покажат дека Карпош „умее во инвестиците и прави сè за иднината, пред сè, на нашите најмали сограѓани“.

-Оваа спортска сала е алтернатива на улицата за младината. Децата ќе имаат современи услови за настава по физичко образование, а клубовите од општината добиваат можност да имаат тренинзи со кои ќе дојдат до врвни спортски резултати. Салата се гради по сите европски нормативи и според стандардите на меѓународните спортски федерации, изјави Лукровски. 

Градоначалникот посочи и дека општината има уште многу вакви проекти и се надева дека сите успешно и во рок ќе бидат завршени. хс/са/

Фото: Влада на Република Северна Македонија 

 

Остани поврзан