Почна балканскиот поетски камп „Ванчо Николески“
- Автори од Украина, Бугарија, Албанија, Хрватска и од Северна Македонија учествуваат на четвртиот Балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески” што од денеска до 28 август ќе се одржува во
Охрид, 26 август 2022 (МИА) - Автори од Украина, Бугарија, Албанија, Хрватска и од Северна Македонија учествуваат на четвртиот Балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески” што од денеска до 28 август ќе се одржува во охридско-струшкиот регион.
Учесниците ги поздрави градоначланикот на Охрид Кирил Пецаков, изразувајќи задоволство што е меѓу младите поети и поетеси од нашата и од неколку балкански земји чии напишани стихови, како што рече, со одушевувење сакаме да ги прочитаме или слушнеме, а кои се гаранција за нивниот иден авторски успех во светски рамки.
- Особено се радувам на ваквите настани затоа што со нив се збогатува културната понуда на Охрид и се разменуваат ставови и искуства на млади пишувачи на убавиот збор од повеќе земји. Во време на дигитално општество, кога социјалните мрежи стануваат доминантни на комуникациски план, станува реткост да се прочита проза или поезија од пишуван труд. Пишувањето и читањето се особено значајни во процесот на социјален развој на единката и затоа секогаш треба да се преферираат и негуваат, истакна Пецаков.
Друштвото на писателите на Македонија, според претседателот Христо Петрески, по долгогодишен заборав, се вклучило во афирмацијата на делото на Николески.
- Присуствувавме и дадовме придонес, после децениско заборавање, во поставувањето на некои обележја во родното село Црвена Вода, на неговата родна куќа, како и спомен-собата на Ванчо Николески. Друштвото Мацково, како организатор на манифестацијата, ја има целата наша поддршка да продолжи, да ја шири дифузијата на меѓународен план, рече Петрески.
Во име на покровителот на манифестацијата, Светската акдемија на поезијата при УНЕСКО, од Равена, како што соопшти организаторот, поздравно писмо упатила генералниот секретар Лаура Троиси, според кое, Балканскиот поетски камп „Ванчо Николески“ (26-28 август) ги обединува младите поети и писатели за деца, од различни земји на Балканот.
- Оваа пријателска и креативна средба треба да послужи како пример за сите луѓе со добра волја, писатели и други балкански уметници, кои преку размена на своите идеи и креативни резултати, го потврдуваат сопствениот јазик и литература, овозможуваат и нумерички помалите нации, да бидат попознати и почитувани, напишала Троиси.
Учесниците на кампот денеска треба да имаат прием од раководството на Струшките вечери на поезијата, а предвидена е и посета на природните убавини на Вевчани. сс/хс/