• сабота, 28 декември 2024

Почнаа подготовките за штипската „Пастрамајлијада 2023“

Почнаа подготовките за штипската „Пастрамајлијада 2023“

Штип, 21 септември 2023 (МИА) - Во тек се последните подготовки за годинешната „Штипска Пастрмалијада“. На сцената, која денеска се поставува кај Градскиот стадион во населбата Осми ноември, ќе настапат познати македонски и балкански имиња, кои ќе ги забавуваат штипјани, но и гостите од околните градови.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека градот е подготвен и повика на масовна присутност.

-Од денеска се вршат последните подготовки за одржување на познатата манифестација „Пастрмалијада, 2023“. Традицијата продолжува. Овој викенд Штип ќе биде центарот на Македонија. Очекуваме многу гости, добра забава, многу продадени и изедени пастрмалии. За сето ова што го нудиме, ќе се погрижат домашни и балкански ѕвезди коишто ќе настапат во петок и сабота. Оваа прилика ја користам да ги поканам и повикам сите наши сограѓани утревечер и во сабота вечер да се приклучат, да бидат дел од оваа манифестација, но и сите граѓани на Република Македонија коишто, се надевам, ќе го посетат Штип овој викенд и ќе бидат дел од оваа убава забава на која што ќе се промовира нашиот најпознат и највкусен бренд, штипската пастрмалија, рече Јорданов.

Гурманскиот специјалитет годинава ќе се продава по цена од 200 денари, со 250 грама тесто и 150 грама месо. Денеска се поставуваат триесетина штандови, на кои се очекуваат десетици илјади гости.

 -Веќе се утврдени локациите и штандовите. Во комуникација со угостителите, имам информација дека очекуваат штандовите да бидат посетени и онака како што е редот да бидеме добри домаќини со највкусниот и најубавиот бренд, рече Јорданов.

Во петок на оваа манифестација ќе настапат Саша Ковачевиќ, Пајак и Лара. Додека, пак, во сабота Амадеус бенд, Љубојна и хрватската пејачка Даниела Мартиновиќ.

Паркингот во градот во петок и сабота ќе се наплаќа до 15 часот, а потоа ќе биде бесплатен на секоја паркинг-позиција. вдј/фф/

Фото: МИА

Остани поврзан