• среда, 25 декември 2024

Почнаа бесплатните онлјан курсеви за изучување на кинескиот јазик во Пробиштип

Почнаа бесплатните онлјан курсеви за изучување на кинескиот јазик во Пробиштип
Штип, 16 март 2021 (МИА) - Седумдесет жители на Пробиштип го изучуваат кинескиот јазик. Марија Митева, вработена во кабинетот на градоначалникот на Општина Пробиштип, вели дека бесплатниот курс за изучување на кинескиот јазик веќе е почнат, а се реализира онлјан, согласно здравствените протоколи. -Интерес за изучување на кинескиот јазик пројавија 30 возрасни и 40 ученици од основните и средното училиште во Општина Пробиштип. Поделени се во пет групи, додава Митева. Инаку, Општина Пробиштип претходно потпиша меморандум за соработка со Институтот „Конфуциј“ – Скопје, кој работи при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а се однесува на изучување на кинески јазик во општина Пробиштип. -Двете договорни страни преку овој меморандум ја изразија својата подготвеност да соработуваат и заемно да дадат поддршка за изучување на кинескиот јазик почетно, средно и напредно ниво, за постигнатото ниво учесниците ќе добијат и соодветна диплома, литература и култура, користејќи ги кадровските, стручните и просторните можности на двете страни, истакна Митева. Курсевите опфаќаат изучување на кинескиот јазик, но ќе има и организација на културни настани, семинари и работилници за реализација на заеднички проекти. Овде се вклучени и активности насочени кон одбележување на разни прослави, годишнини, јубилеи, културни активности и други настани.вдј/бт/

Остани поврзан