• петок, 27 декември 2024

Почина Џек Сони од „Дајр стрејтс“

Почина Џек Сони од „Дајр стрејтс“

Њујорк, 1 септември 2023 (МИА) - Гитаристот на групата „Дајр стрејтс“, Џек Сони почина на 68-годишна возраст. Британскиот рок-бенд ја објави веста на „X“ (порано Твитер), со фотографија од музичарот и натпис „Џек Сони, почивај во мир“.

Сони, инаку Американец од Индијана, Пенсилванија, е надалеку познатиот „втор гитарист во Дајр стрејтс“, т.е. во составот основан 1977 година од Марк и Дејвид Нофлер, Џон Илсли и Пик Витерс во Лондон, Англија. Џек бил поканет да му се приклучи на бендот во 1984. кусо пред албумот „Brothers In Arms“ од 1985 година да постигне светска слава. Тој ги запознал браќата Нофлер додека работел во музичка продавница во њујоршката општина Менхетн, а подоцна отпатувал кај нив дома во британската престолнина.

Албумот мина 14 недели на првото место на топ-листата за албуми во Велика Британија и девет недели на американскиот „Билборд 200“, со некои од најпознатите хитови на групата -  „Walk Of Life“, „Money For Nothing“, како и насловната песна „Brothers In Arms“.

Неговата интернет-страница го опишува музичарот како „писател, музичар, скитачки раскажувач, татко и дедо кои ја примиле реалноста на тешко научената лекција дека животот е краток“. Тој, се вели, „ја прифати филозофијата на доброто живеење и живт во сегашноста во потрага по создавање незаборавни мигови со пријателите и семејството“.

По распуштањето на „Дајр стрејтс“ во 1995., Сони продолжи да се занимава со музика, враќајќи се во бендот што го формираше во доцните 70-ти - „Лејжр клас“. Но, тој продолжи да соработува со поранешните колеги и пријатели, на пр. во проектот „Дајр стрејтс: Наследство“.  си/

Фото: Википедија.

Остани поврзан