• четврток, 26 декември 2024

Почина спортистот Вангел Жабев, носител на медал од Параолимписките игри 1980 година

Почина спортистот Вангел Жабев, носител на медал од Параолимписките игри 1980 година
Скопје, 28 мај 2022 (МИА) - Вангел Жабев, спортистот и прв носител на Параолимписки медал од Параолимписките игри 1980 година во Арнхем Холандија во пливање, почина денеска во 83-тата година од животот. Жабев е роден 1939 година. Настрадал 1947 година во Градско од заостанат експлозивен материјал од војната, каде ги губи двете раце и се здобива со други телесни повреди. Учествува на бројни натпревари на ниво на Македонија и потоа на ниво на тогашна Југославија, каде забележува највисоки резултати. Благодарение на високите резултати, особено во пливањето, учествува на повеќе меѓународни натпревари од кои позначајни се: Отвореното првенство во пливање во Полска (1977), каде освои 4 златни медали (краул 50м, грбно 50м., градно 50м., мешовито 3х50м.); како и на неколку меѓународни натпревари кои се одржале во тогашна Југославија, на кои исто така се закитува со највисоките одличја. Со поддршка на својата фамилија и блиските пријатели го постигнува неговиот врв во кариерата, односно учеството на Параолимпијадата во Арнхем, Холандија (1980), на која освојува две бронзени медали во дисциплините краул 50м. и мешовито 3х50м. - До крајот на својот живот беше спортски активист како претседател на Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди – Велес и претседател на Здружението на цивилни инвалиди Велес, како и носител на најголемото државно признание „НАЦИОНАЛНО СПОРТСКО ПРИЗНАНИЕ“ највисока спортска титула на еден спортист, кој постигнал спортски резулати и тоа: за освоен златен, сребрен и бронзен медал, односно за освоено прво, второ и трето место на Олимписките игри, Параолимписките игри, информираат од Параолимпискиот комитет на Северна Македонија. аа/

Остани поврзан