• вторник, 12 ноември 2024

Почина писателот Никола Кочовски

Почина писателот Никола Кочовски

Скопје, 13 март 2023 (МИА) - Почина Никола Кочовски - раскажувач, романсиер, драмски писател и критичар.

Кочовски е роден на 1 декември 1933 година во Битола. По завршената Учителска школа повеќе години работеше како учител и наставник. Паралелно со неговата ангажираност како педагошки работник, студираше и заврши Педагошка академија, а потоа и Филозофски факултет - група Историја на книжевноста. Во тоа време, како што наведува Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), веќе се наѕираа резултатите од неговата голема љубов кон светската и домашната литература. Неговите први литературни обиди се одликуваат со акцент на психолошкото.

Покрај непрекинатите бројни пројави во македонската литературна периодика („Разгледи“, „Современост“, „Стремеж“, „Развиток“, „Културен живот“, „Стожер“, „Наше писмо“) и во културните рубрики на речиси сите позначајни весници кај нас, забележителна е неговата библиографија со интегрално издадени дела. Издавачи на тие дела се реномирани македонски издавачки куќи - „Мисла“, „Развиток“, „Мисирков“, „Наша книга“, „Александар и Александар“, „Матица Македонска“, „Култура“. За творештвото на Кочовски пишуваа и мошне пофално се изразија – Владимир Костов, Радован П. Цветковски, Доне Пановски, Цане Здравковски, Петре Димовски, Југо Павловиќ, Георги Арсовски.

Кочовски повремено се пројавува и со литературно-критичарска активност. Објавува повеќе написи за новопојавени дела на македонски авториЧлен е на Друштвото на писателите на Македонија од 1973 година. Еден е од основачите на Битолскиот книжевен круг. Извесен период беше член на Редакцијата на списанието „Развиток“ и на литературната ревија на Друштвото на писателите на Македонија, „Стожер“. Објавени дела: „Малата Билја“ (роман - два тома, 1969, 1970), „Зарезготини“ (раскази, 1970), „Вознемирена совест“ (раскази, 1974), „Бреме“ (роман, 1981), „Дичовица млада невеста“ (драма, 1984), „Родната грутка“ (раскази, 1995), „Без свое јато“ (роман, 1999), „Исконскиот дар“ (роман, 1999), „Омразениот цвет“ (роман, 2000), „Времето на татковците“ (раскази, 2001), „Раско“ (роман, 2002). Кочовски е добитник на награди за раскази на повеќе литературни конкурси, од страна на весниците „Нова Македонија“, „Студентски збор“, „Просветен работник“, списанијата „Белези“ и „Современост“. Романот „Малата Билја“ му е награден на анонимниот конкурс од издавачот „Мисла“. Добитник е на наградата „4 Ноември“ на град Битола, за романот „Бреме“. мч/дма/

Фото: ДПМ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан