• четврток, 26 декември 2024

Почина писателот и поет Тоде Илиевски

Почина писателот и поет Тоде Илиевски
Охрид, 29 јануари 2022 (МИА) - Во Охрид денеска по кусо боледување на 70 години почина Тоде Илевски, поет, писател за деца и млади, сатиричар, хуморист, преведувач, енигматичар и шаховски проблемист. Тоде Илиевски е роден 1952 година во село Мраморец, во Дебрца. Гимназија завршил во Охрид, а Филолошки факултет во Скопје. Автор е на книгите „Ведро едро”, „Концерт за шумите”, „Изворите во горите”, „Зелен блен”, „Лов на Лебедовото Езеро“, „Приватните библиотеки во Охрид и Охридско“, ко-авторство со Виолета Мартиновска, како и „Липов чај”, „Ќерката на поетот“ поезија и „Јатките на загатките“. Членувал во редакциите на „Јужен бран”, „Спизалит“ и „ Радосна вест”. Одделни песни му се препеани на други јазици, а самиот има преведувано дела од словенските јазици. Објавил преку девет илјади енигматски состави, претежно анаграми, палиндроми и ребуси. Најголемиот дел е публикуван во „Котелец”, а помал дел во хрватски и српски енигматски списанија. Застапен е во „Лексиконот на енигматичарите на Југославија“, како и во разни избори во енигматските списанија. Има објавено околу 450 шаховски проблеми во бројни специјализирани списанија за шах во 20 земји. Застапен е во Антологијата на македонскиот проблемски шах и во светската антологија „Албум ФИДЕ”. Тоде Илиевски уште од гимназиските денови има учествувано и наградуван е на литературни конкурси во Македонија (1970 – 1975) и на Фестивалот на југословенската поезија на младите (два пати избран меѓу 500 учесници) во некогашен Титов Врбас 1971 и 1972 година. Добитник е на Повелба на Св. Климент во 2002 година, добитник е на Награда на Празникот на липите за песна во 2003 и 2006 година, потоа Награда на фестивалот „Славјанска прегратка” – Варна, 2008, Награда на издавачката куќа „Феникс” за кус расказ во 2008, Награда „ Ванчо Николески” за најдобра книга за деца за 2009 и Награда „Игнација” на Балканскиот поетски фестивал „ Розите на Елбасан” во 2010 година. Член на ДПМ беше од 1994 година. Живееше и твореше во Охрид. Еден период беше прв човек на Радио Дебар, од 2007 до 2011 г. беше директор на НУ „Библиотека „Григор Прличев” во Охрид од каде и се пензионира во 2018 година. Вработените во НУ Библиотека „Григор Прличев“ заедно со писателската фела од Охрид со оглед на Ковид -19 пандемијата дополнително ќе организира настан посветен на животот и богатото творештво на Илиевски. аб/свс/

Остани поврзан