• четврток, 26 декември 2024

Почина актерката Мајда Тушар

Почина актерката Мајда Тушар
Скопје, 14 април 2022 (МИА) - На 72-годишна возраст утрово почина актерката Мајда Тушар (1950-2022), објави Драмскиот театар - Скопје на „Фејсбук“. Мајда Тушар дипломираше актерска игра во првата класа на Факултетот за драмски уметности Скопје и веднаш по дипломирањето активно се вклучи во тековниот репертоар на Драмскиот театар, особено во проектите на Вечерната сцена. Нејзини поважни актерски остварувања се: Рут во „Дејството на гама зраците врз сенишните невени“ (1973), Лисјена во „Болва во уво“ (1974), Дафина во „Јане Задрогаз“ (1974), Неда во „Црнила“ (1977), Ленче во „Ослободување на Скопје“ (1978), Орсолина во „Рибарски караници“ (1979), Невестата во „Чудото на Свети Ѓорѓи“ (1981), Клодија во „Тетовирани души“ (1986), Кристина во „Сили во воздухот“ (1988), Медеја во „Медеја“ (1988) и Блага во „Кула Вавилонска“ (1990). Таа е добитник на наградите „Св. Климент Охридски“ за остварување во областа на театарот,  Актер на годината за улогата на Ленче во претставата „Ослободувањето на Скопје“, „Војдан Чернодрински“ за главна улога за улогата на Ленче во претставата „Ослободувањето на Скопје“ и Награда за најдобра споредна улога за ликовите на мајките во претставата „Роберто Зуко“. - Драга Мајда почивај во мир!, се наведува во објавата на Драмски театар - Скопје. Обожавателите на Мајда Тушар се збогуваат од неа на „Фејсбук“. мд/сп/

Остани поврзан