• петок, 27 декември 2024

Почина академик Луан Старова

Почина академик Луан Старова
Скопје, 24 февруари 2022 (МИА) - На 80 годишна возраст денеска почина академик Луан Старова, објави вечерва неговото семејство на „Фејсбук“. - Со голема болка ве известуваме дека денеска почина нашиот татко, дедо и сопруг Луан Старова, се наведува во објавата од семејството Старова. Академик Луан Старова е роден на 14 август 1941 година во Поградец, Албанија, а од 1943 год. со семејството се преселува и живее најнапред во Струга, кратко време во Тетово, а потоа во Скопје од 1945 година. Основно образование и гимназија завршил во Скопје. Потоа студирал француски јазик и книжевност. За време на студиите работел како новинар, и како главен и одговорен уредник на весникот „Млад борец“. По дипломирањето во 1967 година, во Радио Скопје работи како новинар. Во 1968 г. станува главен и одговорен уредник на емисиите на албански јазик на Телевизија Скопје. Постдипломски студии учел во Загреб, а бил и на специјалистички студии во Париз. Во 1974 година бил избран за асистент на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата француски јазик и книжевност. Во 1979 година бил избран за потпретседател на Републичката комисија за културни врски со странство, бил прв главен и одговорен уредник на македонското издание на Гласникот на УНЕСКО, и член на редакцијата на меѓународното списание „Балкан – Форум“. Во 1985 година бил избран за вонреден и ополномоштен амбасадор на СФРЈ во Тунис. Бил именуван за прв амбасадор на СФРЈ во Палестинската држава. Во 1990 година бил избран за редовен професор по предметот француска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а подоцна и за шеф на катедрата на романски јазици и книжевности. Во 1994 бил именуван за прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Франција, прв постојан претставник во УНЕСКО, и нерезидентен амбасадор во Шпанија и Португалија. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2003. Бил секретар на Одделението за уметност, а од 1 јануари 2016 е избран за потпретседател на МАНУ. Луан Старова беше и почесен член на Академијата на науките на Албанија, член на Медитеранската Академија во Неапол и на Европската академија на науките во Салцбург. Автор е на над 200 библиографски единици на разни стручни и научни трудови во земјата и во странство, како и на преводи на дела од Жан-Пол Сартр, Ѓерѓ Лукач, Исмаил Кадаре и други. Автор е на книгата „Француски книжевни идеи на XX век“, како и на „Балканска сага“, составена од 17 романи. За своите книжевни дела е добитник на повеќе национални и меѓународни признанија и награди. Академик Луан Старова ќе биде погребан утре на гробиштата во Бутел во 13 часот. мд/са/              

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан