• среда, 25 декември 2024

Почина авторот на сликата „Бакнеж“ на Берлинскиот ѕид

Почина авторот на сликата „Бакнеж“ на Берлинскиот ѕид

Берлин, 16 август 2022 (МИА) - Рускиот уметник Дмитриј Врубел, авторот на познатиот мурал на Берлинскиот ѕид, популарно наречен „Бакнеж“, почина на 63-годишна возраст како последица на зараза со коронавирусот. Веста ја објавија руските медиуми.

Врубел е роден во Москва, а од 2010 година живееше во Берлин, Германија. Неговото најпознато дело е графитот на остатоците од Берлинскиот ѕид, официјално насловен „О Боже, помогни ми да ја преживеам оваа смртоносна љубов“, каде што советскиот лидер Леонид Брежњев и поранешниот источногермански лидер Ерих Хонекер се бакнуваат во уста. Муралот е инспириран од средбата на двајца политичари. Насликан е 1990 година, само неколку месеци по падот на Берлинскиот ѕид и пред обединувањето на Германија, коешто се случи на крајот на таа година. - Во раните 2000-ти, луѓето почнаа да носат сувенири од Берлин - магнети, филџани и слично - со „бакнежот“ на нив, кои се продаваа не само во Источната галерија, туку и насекаде низ градот... Со години го живеев мојот приватен живот, додека сликата го живееше своето, изјави Врубел во една прилика. Оригиналната слика била уништена во 2009 година кога градските власти во Берлин ги реновираа остатоците од ѕидот. Врубел потоа нацртал и нова верзија на „Бакнеж“. Сопругата на Врубел, Викторија Тимофеева минатиот месец преку социјалните мрежи објави дека нејзиниот сопруг е згрижен поради компликации по зараза со Ковид-19 и дека неговата здравствена состојба брзо се влошува, потсетува „Раша тудеј“.  си/

Остани поврзан