• недела, 17 ноември 2024

Почеток на 74-тото Берлинале

Почеток на 74-тото Берлинале

Берлин, 15 февруари 2024 (МИА) - Во Берлин вечерва почнува 74. Меѓународен филмски фестивал Берлинале, на којшто 20 филмови се натпреваруваат за главната награда „Златна мечка“.

Фестивалот ќе го отворат филмовите „Ваквите мали нешта“ (Small Things Like these) во режија на Тим Милантс и „Пики блајндерс“ (Peaky Blinders) со глумецот Килијан Марфи - инаку фаворит за престижниот Оскар за неговата улога во филмот „Опенхајмер“. На листата се и корејскиот „Потребите на патникот“ (Yeohaengjaui Pilyo) со познатата Изабел Ипер во главната улога и „Кујна“ (La Cocina) на мексиканскиот режисер Алонсо Руизпаласиус, со глумицата Руни Мара.

Во натпреварувачкиот дел ќе биде прикажан и „Мојата омилена торта“ на иранските режисери Маријам Могадам и Бехтапа Санеха, на кои иранските власти им забранија да патуваат во германскиот главен град.

Познатиот режисер Мартин Скорсезе ќе добие почесна Златна мечка.

Наградите ќе бидат доделени на 24 февруари, ден пред затворањето на фестивалот, од страна на жирито со коешто претседава кениско-мексиканската глумица Лупита Њонг'о.

На фестивалот ќе бидат прикажани и филмови на Нетфликс, како што е „Вселенскиот човек“ каде што Адам Сендлер глуми астронаут испратен до далечните делови на Сончевиот Систем... Тука е и филмот „Суперсекс“ за легендарниот италијански порноглумец Роко Зифреди.

„Златната мечка“ лани отиде кај францускиот документарен филм „На бродот Адаман“ (Sur l´Adamant) - приказна за психијатриска болница сместена на брод на реката Сена во Париз.

Берлинскиот меѓународен филмски фестивал е основан 1951 година, а од 1978. редовно се одржува секоја година во февруари. Се смета за најпосетуван филмски фестивал во светот, со 274.000 продадени билети за една година. Фестивалот доделува „Златна мечка“ за најдобар филм, „Големата награда“ од жирито, како и „сребрени мечки“ за најдобар режисер, глумец, глумица, сценарио и филмска музика. Од 1992 година, фестивалот ја доделува и наградата „Теди“ за филм којшто се занимава со ЛГБТ-заедницата.  си/

Фото: ЕПА

Остани поврзан