• недела, 24 ноември 2024

Почетокот на повтореното судење за пожарот во модуларната болница во Тетово одложено за септември

Почетокот на повтореното судење за пожарот во модуларната болница во Тетово одложено за септември

Тетово, 26 јуни 2024 (МИА) - Почетокот на повтореното судење на судскиот процес поврзан со пожарот во тетовската модуларна болница во Тетово, денеска во Основниот суд Тетово беше одложено за 25 септември годинава поради отсуство на претставници на Клиничка болница Тетово.

Апелацискиот суд во април годинава донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и Јавната здравствена установа Клиничка болница Тетово како правен субјект. За докторот Бобан Вучевски, Апелацискиот суд во април 2024 година ја одби жалбата на Обвинителството и ја потврди првостепената ослободителна пресуда за него.

На 5 јуни 2023 Основен суд Тетово одреди условна осуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“ во судскиот процес по пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе. Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.

Според пресудата, на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им беше утврдена казна затвор од по една година и шест месеци, условна осуда и утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години не сторат ново кривично дело. Правно лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилност на пресудата.

Првиот судски процес се водеше откако на 8 септември 2021 година 14 луѓе ги загубија животите во пожарот во модуларната болница во рамки на Клиничка болница Тетово. ас/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан