• среда, 18 декември 2024

Почесна „Златна Камера 300“ за Јанаки Манаки од ИФФК „Браќа Манаки“

Почесна „Златна Камера 300“ за Јанаки Манаки од ИФФК „Браќа Манаки“

Битола, 22 септември 2024 (МИА) - Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ на синоќешното свечено отворање на фестивалот додели Почесна „Златна Камера 300“ на Јанаки Манаки.

Во 1996 година фестивалот во Битола на Милтон Манаки му додели награда Почесна „Златна Камера 300“ за животно дело, потсети директорот на фестивалот Симеон Мони Дамески.

-Решивме да ја исправиме оваа неправда и затоа оваа година доделуваме Почесна „Златна Камера 300“ за животно дело на Јанаки Манаки, истакна Дамески.

Наградата беше врачена на Милтон, внукот на Јанаки Манаки кој истакна дека фестивалот „Браќа Манаки“ е уникатен фестивал, еден од малкуте фестивали во светот што ги слават кинематогаферите.

-Прв пат мојот татко ја прими наградата златна „Камера 300“ во името на неговиот татко. Голема е честа и благодарност што оваа награда ја добива нашето семејство, и во име на нашиот Јанаки Манаки, истакна внукот Милтон.

Пред аудиториумот во Битола, директорот на фестивалот Симеон Мони Дамески, најави дека наскоро ќе се постави и споменик на Јанаки Манаки кој се очекува да биде во непосредна близина на споменикот на Милтон Манаки што се наоѓа пред НУ Центар за култура, во центарот на градот. 

Денеска во Битола ќе бидат промовирани три, од вкупно 18 ѕвезди на „Патеката на славните“ што се наоѓа на Широк Сокак, а почнува од пред киното Манаки каде се поместени ѕвездите на Милтон Манаки, Јанаки Манаки и Данте Спиноти. мт/аа/

Фото: ИФФК „Браќа Манаки“

Остани поврзан