• недела, 24 ноември 2024

Поттикнување на женското лидерство и женското учество во политиката и демократијата

Поттикнување на женското лидерство и женското учество во политиката и демократијата
Скопје, 13 јуни 2022 (МИА) - „Поттикнување на женското лидерство и женското учество во политиката и демократијата“ беше темата на панел-дискусијата која се одржа денеска во организација на Фондацијата Конрад Аденауер и Центарот за европски студии Вилфред Мартенс од Брисел. На настанот кој се одржа во Ragusa Rooftop, воведно обраќање имаше Даниел Браун, претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, кој истакна дека никогаш не може да е лошо да се поддржува женското лидерство. - Германија и други западноевропски земји имаа долго врeме жени во лидерски позиции, проминентен пример е Ангела Меркел, но сигурно дека тоа не е репрезентативно за целото општество и затоа се радувам што имаме тема на која треба да се стори уште многу во Европските земји и на Западниот Балкан, истакна Браун. Елефтерија Катци, соработник за комуникација и медиуми при Центарот за европски студии Вилфред Мартенс, се заблагодари за поддршката на проектот и рече дека еднаквото учество на жени во политиката и донесувањето на одлуки е клучен елемент за функционално и инклузивно општество кое гарантира дека се опфатени интересите на сите. - Во Северна Македонија, состојбата на жените во политиката се подобрува, со тоа што партиите се обврзани со квотата за застапеност на жените во политиката. Како и да е, искривената перцепција за инволвирањето на жените во политиката и стереотипите и понатаму играат огромна улога во државата и ова креира значајни бариери. Оттаму може да кажеме дека родовата еднаквост е во срцето на креирањето на јавните политики и нашите закони, но и во срцето на нашето општество, рече Катци. Според неа, женските перцепции го збогатуваат владеењето и само преку учество на жените во политиките може да се опфати разноликоста на сите. Анке Холштајн, амбасадорка на СР Германија во Северна Македонија, споделувајќи ги примерите за жените инволвирани во политиката, истакна дека промените во политиките се задолжителни, а, како што рече „водењето преку пример е секогаш најдобар начин“. Во рамки на панел дискусијата, исто така, се обратија и пратеничката и претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Гордана Сиљановска Давкова, Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје, Жаклина Пешевска – пратеничка, Моника Зајкова - пратеничка и член на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Влора Речица, истражувач и раководителка на центарот за парламентарна поддршка и демократизација при Институтот за демократија „Социетас цивилис“. ар/са/

Остани поврзан