• среда, 13 ноември 2024

Потрес во израелскиот Воен кабинет поради несогласувањата меѓу Нетанјаху и Ганц

Потрес во израелскиот Воен кабинет поради несогласувањата меѓу Нетанјаху и Ганц

Тел Авив, 3 март 2024 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му наложил на израелскиот амбасадор во Вашингтон да не му помага на членот на Воениот кабинет, Бени Ганц, за време на неговата посета на САД, затоа што, според него, ги крши владините прописи.

Нетанјаху, исто така, одби владата да го финансира патувањето на Ганц за Вашингтон, што се гледа како знак дека во Воениот кабинет има потреси од несогласувањата меѓу Нетанјаху и неговиот главен ривал, Ганц, поранешен началник на Генералштабот и министер за одбрана, пренесува Бета.

Ганц денеска отпатува за САД на разговари со американски официјални претставници како дел од, како што велат израелските медиуми, „неофицијалната посета“, за време на која ќе се сретне со американската потпретседателка,Камала Харис, и со советникот за безбедност на Белата куќа Џејк Саливан.

Американските медиуми го пренесува мислењето на неименуван израелски функционер дека противењето на Нетанјаху на посетата е знак за продлабочување на јазот во Воениот кабинет, по речиси пет месеци војна меѓу Израел и Хамас.

Ганц, лидерот на партијата Национално единство, се приклучи на екстремно десничарската влада на Нетанјаху на почетокот на војната, по нападот на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел.

Тој патува за Вашингтон во време на длабоки несогласувања меѓу Нетанјаху и американскиот претседател Џо Бајден за тоа како да се олесни страдањето на Палестинците во Газа и да се создаде повоена визија за енклавата.

-Државата Израел има само еден премиер, изјавил Нетанјаху, наводно лут од посетата на Ганц на САД.

Кабинетот на премиерот не ја признава посетата како официјална бидејќи Нетанјаху не ја одобрил.

Ганц ќе се сретне и со членови на американскиот Конгрес и со претставници на Американско-израелскиот комитет за односи со јавноста (AIPAC), а на враќање ќе ја посети Велика Британија.

Израелските медиуми коментираат дека Ганц ќе ги посети САД во време кога оваа земја е незадоволна од однесувањето на Нетанјаху во војната и обвинувањата дека дејствува под притисок на двајца ултрадесничарски министри.

Целта на Ганц е да го зачува израелскиот легитимитет за копнени операции во Појасот Газа, меѓу другото, изјавија официјални лица блиски до него.

Тој, исто така, сака САД да го зголемат притисокот врз преговарачите да ги ослободат заложниците, да разговараат за идните договори за нормализација кои исто така ќе бидат дел од политичкиот план за слабеење на владеењето на Хамас и да се обезбеди американска помош за Израел, рекоа официјалните лица. сд/

Фото:МИА архива

Остани поврзан