• вторник, 24 декември 2024

Потребна е поблиска соработка меѓу здравствените агенции на ЕУ за справување со медицински кризи, сметаат европските ревизори 

Потребна е поблиска соработка меѓу здравствените агенции на ЕУ за справување со медицински кризи, сметаат европските ревизори 

Брисел, 6 септември 2024 (МИА) - Потребна е поблиска соработка меѓу Европскиот центар за превенција и контрола на болести (EЦДЦ), Европската агенција за лекови (EMA) и Управата за одговор при итни здравствени случаи (ХЕРА) со цел да се избегне преклопување на нивните надлежности и да се обезбеди подобро координиран одговор на ЕУ на евентуални идни пандемии и медицински кризни состојби, се наведува во извештајот на Европскиот суд на ревизори (ЕЦА) во кој се анализира реакцијата на европските здравствени агенции на Ковид кризата. 

- Иако здравствените агенции на крајот поминаа добро, пандемијата сепак ги истакна недостатоците и пропустите што ЕУ со неодамнешните мерки се обиде да ги надмине, велат ревизорите.  

Според Судот на ревизори, ваквите мерки „секако пополнуваат некои празнини“ во капацитетот на ЕУ за реагирање на здравствени итни случаи, што резултира со „посложена организациска рамка“. 

Конкретно за ЕЦДЦ, ревизорите препорачуваат подобрување на нејзиното ниво на соработка со земјите членки на ЕУ преку создавање поцврст систем за надзор, кој ќе постави заеднички дефиниции во рамки на Унијата и ќе овозможи подобра комуникација со јавноста. Ревизорите, исто така, повикуваат и на подобра организација на ЕЦДЦ и рационализација на нејзините внатрешни процедури. 

Во извештајот се наведени пофални зборови за воспоставените процедури во ЕМА за реакција на кризни состојби, но ревизорите препорачуваат таа да ги направи своите информации подостапни за јавноста во целина. 

Во однос на ХЕРА, која е формирана во 2021 година со цел да и помогне на ЕУ да реагира брзо на итни здравствени случаи, ревизорите препорачуваат дека е потребно разјаснување на точната улога на ова тело.  

- Проблемот е што некои од одговорностите и овластувањата на ХЕРА се слични со оние на ЕЦДЦ, па оттука ревизорите повикуваат на блиска соработка за да не се дуплира работата непотребно, се наведува во извештајот, при што се посочува дека некои земји членки на ЕУ се пожалиле дека за време на Ковид пандемијата од двете тела добиле барања за доставување слични информации. 

Како реакција на Ковид пандемијата, ЕУ во 2022 година ги ажурираше надлежностите на ЕЦДЦ и ЕМА и ги зголеми нивните буџети. Така, во 2020 година буџетот на ЕЦДЦ изнесуваше 61 милиони евра, а на ЕМА 358 милиони евра, додека во 2023 година средствата одвоени за овие две агенции достигнаа 90, односно 458 милиони евра. 

- Како и многу други тела и здравствените агенции на ЕУ беа преоптоварени од големината и брзината на Ковид пандемијата. Четири години подоцна, научените лекции мора ефективно да се применат на ниво на ЕУ за да не се повтори историјата, посочи раководителот на тимот што го изработи извештајот Жоао Леао. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан