• вторник, 24 декември 2024

Потрага по избеган затвореник во Нормандија откако двајца затворски службеници беа убиени во заседа

Потрага по избеган затвореник во Нормандија откако двајца затворски службеници беа убиени во заседа

Париз, 15 мај 2024 (МИА) - Стотици полицајци денеска во Нормандија се во потрага по затвореник кој побегна вчера по судското сослушување во Руан. Двајца затворски чувари загинаа, а тројца се тешко ранети во заседа во која комбе со затвореник беше нападнато во близина на Руан, град на северот на Франција, недалеку од Париз.

Затвореникот и напаѓачите побегнаа, јавуваат француските медиуми.

Затвореникот, идентификуван како Мухамед Амра, роден во 1994 година и познат по прекарот „Мува“  (La Mouche), бил осуден за тежок грабеж и киднапирање што резултирало со смрт.

Нападот се случи вчера во близина на наплатна рампа на автопатот А154, при враќањето на затвореникот од судското рочиште во затворот во градот Евр.

-Соучесниците на осудениот не се двоумеле да ги застрелаат затворските службеници со автоматско оружје, изјави францускиот министер за правда, Ерик Дупон-Морети.

На фотографиите објавени на социјалните мрежи, а кои ги користат и некои француски медиуми, се гледаат вооружени мажи со качулки како се приближуваат кон конвојот.

-Во нападот учествувале неколку лица од две возила кои се приближиле до затворскиот конвој. Еден од напаѓачите наводно е ранет, изјави за француски медиуми неименуван полициски извор.

Возилото со кое избегале затвореникот и напаѓачите подоцна било запалено. мс/

фото: Принтскрин (Скај Њуз)

Остани поврзан