• среда, 27 ноември 2024

Потпишан Општиот колективен договор, 130 илјади вработени во јавниот сектор од септември со 10 отсто повисоки плати

Потпишан Општиот колективен договор, 130 илјади вработени во јавниот сектор од септември со 10 отсто повисоки плати

Скопје, 18 јули 2023 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, денеска после 15 години потпишаа нов Општ колективен договор за одржлив раст на платите во јавниот сектор.

Согласно Општиот колективен договор, од септември 130 илјади вработени во јавниот сектор од септември ќе добијат зголемување на платите од 10 проценти, исплата на К-15 до крајот на годината во висина од 10 илјади денари. Во општиот колективен договор стои одредба за исплатата на К - 15 од 2024 година да биде најмалку 30 проценти од висината на просечната плата. Договорено е новата методологија за пресметка на платите за вработените во јавниот сектор ќе започне од март 2025 година.

Тренчевска изрази задоволство што сите заедно, синдикатите, работодавачите и Владата односно членовите на Економско-социјален совет, донеле системско и одржливо решение за пораст на платите за вработните во јавниот сектор. Според неа, ова е значаен чекор во насока на унапредување на работничките права и потврда дека за оваа Влада социјалниот дијалог е особено значаен.

- Како Влада и надлежно Министерство за прашањето во областа на трудот, дијалогот во општеството го подигнавме на повисоко ниво затоа што за значајните прашања треба да се разговара заедно и отворено. Низ дисусија со социјалните партнери ја донесовме методологијата за усогласување на пензии, одлуката за минималната плата и нејзин постојан раст, а денес ја официјализиравме одлуката за пораст на платите за вработените во јавниот сектор, и не само тоа, туку и методологија што обезбедува постојан раст на платите. Општиот колективен договор уредува и други прашања кои се во насока на унапредување и заштита на работничките права, вреднување на трудот на работникот, изјави министерката Тренчевска.

Нагласи дека како Влада продожуваат заедно низ дијалог да носат системски решенија што се правични и даваат резултати на долг рок. 

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов рече дека со Општиот колективен договор завршува процес кој траел три години, а 15 години по потишувањето на последниот колективен договор за јавниот секор.

- Се исправи една неправда кон вработените во јавниот сектор. Договорот значи дека на 1 септември вработените добиваат 10 проценти повисока плата, и регрес за годишен одмор од 10.000 денари до крајот на годинава, а следната ќе биде 30 проценти од просечната плата, истакна Трендафилов. 

Посочи дека вработение во здравството, образованието, армијата, полицијата и други сектори, прв пат ќе добијат регрес за годишен одмор.  Општиот колективен договор предвидува и други поволности - елиминира политички влијанија при одредување на платите, право на јубилејна награда за 10, 20, 30, 40 години стаж, дополнителни денови платен одмор...

На прес-конференцијата во Владата вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, истакна дека со обезбедување конкурентна плата се градисилен и професионален јавен сектор кој ефикасно и ефективно ќе им служи на граѓаните и активно ќе учестува во создавањето на поволна деловна средина за одржлив економски раст и развој.

- Успеавме да го затвориме системскиот пропуст за политички мотивирани и инструментализирање на платите во јавниот сектор. Поставувме системска бариера, која ќе го штити достоинството на вработените од разни политички калкулации и злоупотреби на нивната положба. Обезбедуваме цврста институционална основа на предвидливост на очекувањата на вработените, јасна рамка за тоа што точно може да очекуваат во однос наплатите, кој максимум може да го постигнат доколку напредуваат во кариерата, истакна Битиќи.

Се исцртува јасна линија на разграничување помеѓу политиката и платите на оние кои профеисонално треба да им служат на граѓаните, рече вицепремиерот, јавниот сектор се исполнува со атмосфера на сигурност, стабилност и предвидливост, во која вработените ќе се чувствуваат ценети, мотивирани и фер компензирани за извршувањето на работните обврски и штитењето на јавниот интерес.

- Овој договор претставува одраз на напорите на Владата, синдикатите и работодавачите преку социјален дијалог да се создаваат услови за економски и социјална стабилност на Република Северна Македонија и остварувањето на нејзината темелна вредност, а тоа е да е социјална држава, дециден е вицепремиерот Битиќи.  

За првпат од независноста на државата, посочи, се прави системски исчекор во воведување на методологија за раст на платите која во себе ќе вклучува индексирање на платите по формулата просечна бруто плата помножена по коефициентот на сложеност која ќе стапи во сила од март 2025 година. 

Второто системско решение е воведувањето и во делот на исплатата на регресот за годишен одмор, односно К-15 кое во наредната година ќе изнесува најмалку 30 проценти од просечната нето плата.  

- Со цел наредната година животниот стандард на вработените во јавниот сектор да биде заштитен од евентуален инфлаторен бран согласно Колективниот договор се предвидува доколку инфлацијата надмине 3 отсто, тогаш ќе добие зголемување на платата кое ќе биде еквивалентно во процентни поени на нагорното нејзино отстапување од овие основни 3 отсто. Или, илустративно – ако инфлацијата изнесува 7 отсто, тогаш зголемувањето на платите ќе изнесува 4 отсто, појасни Битиќи.  

Повисоките плати во јавната администрација, според него, се клучни за подобруваање на квалитетот на услугите кои се испорачуваат кон граѓаните и бизнис секторот, поттикнување на продуктивноста и иноватиноста, намалување на корупцијата, промовирање на економскиот раст, привлекување професионалци и демонстрација на вредности и посветеност во заштитата и унапредувањето на јавниот интерес.  

Министерот за финансии Фатмир Бесими го оцени договорот како историски успех, со кој се вопставува здрава и солидна основа за економско-социјален дијалог меѓу Владата и вработените во јавниот сектор.

- На 130 илјади вработени им се подобруваат статусот и условите за работа, а со тоа ќе се подбрат и услугите што им се нудат на  приватниот сектор и на граѓаните. Целта е да подобрат условите за вработените во јавниот сектор и услугите што ги нудат. Со постигнатиот договор се зајакнува неависноста на јавниот сектор од политички влијанија, а платите ќе се уредуваат системски, рече Бесими, додавајќи оти се постигнува во време на сериозни кризи - економска, ковид, финасика, безбедносна.

Прашан за ребалансот на буџетот, министерот Бесими појасни дека за порастот на платите од септември со 10 отсто и К-15 од 10.000 денари - вкупно околу три милијарди денари, пари ќе бидат предвидени со ребалансот, кој планираме, рече, да го предложиме во текот на септември оваа година.

- И тоа планираме да го направиме на начин што нема да влијае врз зголемување на буџетскиот дефицит, што значи нема да биде нов товар за даночните обврзници, односно некое ново задолжување за ова, односно товар за граѓаните или стопанството. Затоа зборувавме цело време системско одржливо решение. Затоа одиме со транзиција и тука морам да кажам дека претставниците на синдикатите стварно покажаа голем степен на одговорност, граѓанска одговорност не само за правата на вработените на кои беа доследни и ги постигнавме сите, значи 2023 раст, 2024 заштитни механизми и раст, и 2025 исто така системско решение за просечна бруто плата. Во септември ние ова ќе го предвидиме, појасни министерот за финансии.

Бесими потенцира дека решението е одржливо и ќе се спроведе согласно макроекономските проекции кои ги имаат веќе планирано за 2023 година со ребалансот 2024, 2025 и петгодишната рамка за фискална стратегија согласно новиот закон за буџети.  

Дел од синдикатите кои учествуваа во преговорите за општиот колективен договор, сепак, денеска не ставија потпис на договорот.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) објавија дека нема да го потпишат Општиот колективен договор за јавен сектор предложен од Владата. Претседателот на КСС Благоја Ралповски на прес-конференција информира дека во текот на разговорите со министрите не се согласиле со став 2 од член 14 од предлог општиот колективен договор  за кој рече дека е „камен на сопнување“.

Според Ралповски, предложениот општ колективен договор е штетен за работниците затоа што им одзема многу права и дека со него од наредната година ќе биде тргната минималната плата од законите.

Од Самостоен синдикат за образование, наука и култура - СОНК, пак, реагираа дека потпишан Општ колективен договор е без конкретни одговори на поставените и отворени прашања. Финалниот текст на договорт е привилегија само за ССМ и владините претставници, велат од СОНК. цр/свс/

Фото/видео: Влада

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан