• сабота, 28 декември 2024

Потпишан меморандум за соработка меѓу ДЗР и Црвен крст

Потпишан меморандум за соработка меѓу ДЗР и Црвен крст

Скопје, 30 септември 2024 (МИА) - Меморандум за соработка меѓу Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Црвениот крст беше потпишан денеска во Скопје.

Главниот државен ревизор Максим Ацевски, во изјава за медиумите, рече дека меморандумот е потпишан со цел промовирање на вредностите што ги промовира Црвениот крст.

- Вработените во ДЗР по петти пат, за првпат оваа година, даруваме крв, што во суштина значи спасување живот. Оваа активност, истовремено, претставува и промовирање на онаа активност, што ДЗР ја презема во текот на месец септември. Тоа е обезбедување дополнителни средства за помош на настраданите граѓани во пожарите во нашата држава. Мислам дека со таа активност, претставуваме општествено одговорна институција во државата, нагласи Ацевски.

Тој додаде дека секогаш кога има такви состојби, тие обезбедуваат средства и со таквиот гест, укажуваат оти сите институции во јавниот и во приватниот сектор, треба да се однесуваат одговорно и да дадат помош.

Ацевски рече дека средства биле одвоени и за земјотресот во Турција, за поплавите во Словенија.

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити рече дека самиот меморандум подразбира дополнителна обврска за идна соработка меѓу двете страни.

- Потпишавме меморандум за соработка со што, на некој начин, досегашната пракса ја претворивме во идни замисли, идеи што ги имаме со ДЗР, додаде Саити во изјава за медиуми. бд/nd/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан