• среда, 25 декември 2024

Потпишан меморандум за намалување на аерозагадувањето од стари системи за греење во јавни здравствени установи

Потпишан меморандум за намалување на аерозагадувањето од стари системи за греење во јавни здравствени установи

Скопје, 17 октомври 2024 (МИА) - Во просториите на Министерството за здравство, денеска беше потпишан меморандум за разбирање со Канцеларијата на Обединетите Нации за проектни услуги (УНОПС). Со овој меморандум, како што беше истакнато, се зајакнува соработката во насока на намалување на аерозагадувањето од старите системи за греење во јавните здравствени установи.

Соработката е во рамки на проектот „ЕУ за чист воздух“, финансиран од делегацијата на ЕУ. Министерот за здравство Арбен Таравари појасни дека опфатени се поликлиниките „Бит Пазар“, „Ченто“, „Драчево“, „Шуто Оризари“, „Ѓорче Петров“, Психијатриската болница - Скопје, Специјална болница за геријатриска и палијативна нега „13 Ноември - Скопје“, Клиничка болница - Тетово, Здравствен дом - Тетово и Центар за јавно здравје - Тетово. 

- Со проектот се предвидува целосна замена на системот за греење со еколошки систем на природен гас. Исто така, Министерството за здравство придонесува кон проектот со изградба на резервоари за компримиран природен гас, при што е предвидена замена на котли и реконструкција на внатрешната мрежа за греење во објектите, додаде министерот. 

Вредноста на делот што ќе се финансира од Министерство за здравство е 76 милиони денари, а предвидено е активностите да завршат до јули 2025 година. 

- Во оваа прилика сакам да упатам благодарност до Канцеларијата на Обединетите Нации за проектни услуги (УНОПС), како наш партнер, со заеднички заложби спроведуваме мерки за намалување на аерозагадувањето во нашата држава. Ова е еден од приоритетите на што ќе продолжиме посветено да работиме и во иднина, дециден беше Таравари.

Претставничката на Канцеларијата на Обединетите Нации за проектни услуги (УНОПС), Микела Телатин истакна дека овој меморандум за разбирање е „навистина критичен и важен за да се подобри состојбата со здравјето во земјата“.

- Ова партнерство е навистина важен чекор напред каде што ги одбележуваме нашите ангажмани за подобрување на квалитетот на живот и на добросостојба на луѓето во Северна Македонија. Исто така, ова партнерство е основа на проектот на ЕУ за чист воздух, финансиран од Европската Унија и е спроведен од Канцеларијата на УНОПС, додаде Телатин. бд/са/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан