• среда, 27 ноември 2024

Потпишан договор за изградба на Ресурсен центар за повратници и лица во ризик во Шуто Оризари

Потпишан договор за изградба на Ресурсен центар за повратници и лица во ризик во Шуто Оризари

Скопје, 16 јануари 2024 (МИА) - Во Општина Шуто Оризари, во присуство на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан и градоначалникот Курто Дудуш, денеска беше потпишан договор за реализација на проект за изградба на Ресурсен центар за повратници и лица во ризик во Општина Шуто Оризари.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање посочи дека преку Ресурсниот центар граѓаните ќе имаат непречен пристап до здравствени, социјални услуги, вработување, предучилишно и училишно образование и пристап до правна помош.

Ресурсниот центар, рече Ковачевски, е предвидено да биде мост меѓу жителите на оваа општина и државните институции, наменет пред сѐ за повратниците, како и за сите жители на Општината Шуто Оризари кои ќе можат полесно и побрзо да дојдат до бараната услуга во соодветната институција.

Ресурсниот центар е планиран да биде мултифункционален објект, прилагодлив зависно од потребите граѓаните, и да е лоциран во зградата на Општината Шуто Оризари. Истиот е предвидено да се заврши до крајот на годинава, истакна Ковачевски, и како што рече ќе чини околу 180 илјади евра, од кои околу 81.000 евра ќе бидат обезбедени преку ЕУ, додека останатите ќе ги обезбеди општината.

-Со новиот деветти пакет на антикризни мерки предвидовме помош и за над 74.000 социјално ранливи категории на граѓани. Додека, со Законот за матична евиденција, за што сум искрено благодарен на пратеничката Шиковска, овозможивме повеќе од 500 граѓани да добијат идентитет и да станат видливи во општеството, со што го решивме деценискиот проблем со неевидентираните лица. Ова е огромен успех и за нас како држава, бидејќи вакви решенија се реткост во светски рамки, а е исклучителен успех и за граѓаните. Со ова ние станавме прва земја во Европа која нема незаведени граѓани во матичната евиденција, рече Ковачевски.

Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, во своето обраќање истакна дека Шуто Оризари е првата општина во државата во која што се воведува овој модел на поддршка на повратниците и другите ранливи категории, преку како што рече, информирање, директни контакти и асистирање на лицата активно да се вклучат во социо – економските процеси во државата.

-Шуто Оризари е првата општина во државата во која што се воведува овој модел на поддршка на повратниците и другите ранливи категории преку информирање, директни контакти и асистирање на лицата активно да се вклучат во социо – економските процеси во државата. Се надеваме дека примерот на нашата Општина ќе може да се реплицира и во други општини при што повратниците и другите ранливи групи ќе ја добијат соодветната поддршка за поквалитетен живот во матичната земја, истакна Дудуш.

Постојаниот претставник на УНДП во земјава Армен Григорјан пак, го истакна значењето да се обезбедат услови на еднакви можности за сите и рече Програмата за развој на Обединетите нации во партнерство со Општина Шуто Оризари веќе подолго работи во обезбедување соодветни механизми за Ромите и другите ранливи групи граѓани.

-Програмата за развој на Обединетите нации во партнерство со Општина Шуто Оризари веќе подолго работи во обезбедување соодветни механизми за Ромите и другите ранливи групи граѓани со цел обезбедување услови на еднакви можности за сите. Се надеваме дека овој прв пример ќе го следат и други општини, рече Григорјан.

Започнувањето на градежните работи се очекуваат за две недели и да се очекува да траат седум месеци, при што официјалното отворање на Центарот е предвидено за втората половина на 2024 година. ра/аа/

Фото: Влада на Република Северна Македонија / УНДП 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан