• петок, 27 декември 2024

Потпишани 19 договори како дел од програмата „ЕУ за општините“ и прекуграничната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија

Потпишани 19 договори како дел од програмата „ЕУ за општините“ и прекуграничната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија
Скопје, 23 март 2022 (МИА) - Како дел од програмата „ЕУ за општините“ и програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија денеска беа потпишани вкупно 19 договори, од кои осум се наменети за македонски општини, а 11 грантови за реализација на проекти дел од прекуграничната соработка со Албанија. Министерството за локална самоуправа на Северна Македонија и Швајцарската агенција за соработка кофинансираат до 15 проценти од вкупните прифатливи трошоци на овие грантови. - По интензивниот период на подготовки и формално одобрување, денеска имаме задоволство да го означиме почетокот на 19 нови проекти сите финансирани од ИПА инструментот на Европската Унија. „ЕУ за општините“ е нова програма, со којашто на општините им обезбедивме вкупно 5,5 милиони евра за финансирање на осумте одобрени проекти, информираше министерот за локална самоуправа, Горан Милевски на денешното потпишување на договорите. Милевски нагласи дека проектите се наменети за подобрување на условите за заштита на животната средина, зголемување на мобилноста, подобрување на социјалните услуги, воведување на електронски услуги. Велес, Радовиш, Тетово, Аеродром, Скопје, Врапчиште, Охрид, Струмица се општините во коишто ќе се имплементираат овие проекти. Во однос на кофинансирање на 11 проекти за прекугранична соработка со Албанија, вкупната вредност за двете држави е 10,7 милиони евра, грант на ЕУ. - Половина од овие средства, преку проекти ќе се реализираат во нашата држава. Проектите се партнерски и тоа е нивната додадена вредност, имплементираат општини, установи, граѓански организации и со нив се подобруваат условите за живот во Охрид, Битола, Могила, Демир Хисар, Маврово Ростуше, Крушево, Ресен, Струга, Врапчиште и Боговиње, најави Милевски. Амбасадорката на Швајцарија во земјава, Вероника Хулман Марти истакна дека демократијата започнува од локалното ниво и соработката со локалните општински институции е важна за сите држави, бидејќи тука се практикува демократијата преку директно влијание врз одлучувањето за подобри јавни услуги и како се искористуваат јавните финансии. - Процесот на децентрализација изискува долгорочни заложби и одржување на ниво на напори, капацитети на општините, со што ќе станат финансиски и политички независни, со цел да обезбедат соодветни услови на граѓаните, додаде швајцарската амбасадорка. Таа посочи дека Швајцарија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија во агендата за децентрализација, во блиска соработка со централната и локалната власт. Претседателката на ЗЕЛС, воедно и градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска во своето обраќање посочи дека општините имаат иновативни концепти, но потребна е поддршка за да можат да ги реализираат проектите. - Големиот одзив на општините во јавниот повик имаше околу 60 доставени апликации и покажа дека знаеме и можеме да работиме, но и да им дадеме квалитетни услуги на граѓаните. Потребно е локалната власт да има континуирана поддршка, со цел да се имплементираат сите барања на граѓаните, додаде Арсовска. Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека приоритетите на ЕУ се јасни - промовирање и подготовка за зелена трансформација и иновација и дигитална трансформација, а притоа охрабрувајќи народни партнерства и добрососедски односи. Гир вели дека Зелениот договор е повеќе од политичка амбиција и оти се работи за нов концепт за зелен и одржлив развој. - Во 2021 година започнавме со нова иницијатива за локалната самоуправа. Беа потпишани договори со осум општини во вредност од околу пет милиони евра за обезбедување локални услови и циркуларната економија. Дополнително, 8,8 милиони евра се доделени преку програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија, потсети Гир. Евроамбасадорот најави дека ЕУ ќе обезбеди грантови за неколку општини за подобрување на енергетската ефикасност на јавните згради. - Инвестициите во иновација и зелена економија е европски приоритет, но мора да дејствуваме сите заедно, додаде тој. Конференцијата продолжи со вториот дел на која ќе бидат претставени тематските платформи за вмрежување во секторите кои се приоритет за општините во Северна Македонија, односно дигитализација, управување со отпад и урбана мобилност. Овие сектори се дел од Европскиот зелен договор и општините Аеродром, Охрид, Радовиш, Струмица, Тетово, Велес, Врапчиште и Град Скопје со помош на грантовите од ЕУ ќе подготват и спроведат соодветни иновативни решенија. ки/вг/

Остани поврзан