• сабота, 23 ноември 2024

Потпишани Протоколите за Слободен пристап до пазарот на труд во земјите од Отворен Балкан

Потпишани Протоколите за Слободен пристап до пазарот на труд во земјите од Отворен Балкан

Скопје, 22 јануари 2024 (МИА) - Граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија ќе добијат слободен пристап до пазарот на трудот во овие три земји, за што денес се потпишаа Протоколите за Слободен пристап до пазарот на труд во земјите од Отворен Балкан.

Како што соопшти владината прес-служба, министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, со колегите од Србија и Албанија, го потпишаа Протоколот за меѓусебно поврзување на шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан.

Директорот на Агенцијата за вработување Ведат Османи заедно со колегите од Србија и Албанија го потпишаа првиот Протокол за спроведување на условите за слободен пристап до пазарот на труд на Западен Балкан.

Со овие протоколи завршени се неопходни правни чекори за почеток на мерката, со што останува да се реализираат уште финалните технички тестирања и усогласувања во рамки на системите за е-услуги во трите држави. Се очекува мерката да стане достапна за граѓаните во текот на март 2024 година.

Потпишувањето на двата Протоколи значи и заемна законска обврска за започнување на бесплатен пристап до пазарот на трудот.

Овој проект е во согласност со мисијата за соработка, и спроведување на четирите слободи, слободата на движење на луѓе, стоки, капитал и услуги. Со цел да се обезбеди напредок и економски просперитет, земајќи ја предвид важноста на мобилност и на движењето на работниците, а почитувајќи ја имплементацијата на правото на ЕУ во областа на слободното движење на работниците и подготовката за поблиска интеграција на единствениот пазар на ЕУ, дозволуваме поедноставување на процедурите за слободен и еднаков пристап до пазарот на труд. нд/

Остани поврзан