• среда, 25 декември 2024

Потврдена доживотната затворска казна за шефот на „Коза ностра“ ,Матео Месина Денаро

Потврдена доживотната затворска казна за шефот на „Коза ностра“ ,Матео Месина Денаро

Палермо, 20 јули 2023 (МИА) - Жалбениот суд во Калтанисета, Сицилија, Италија, вчера ја потврди доживотната казна за веќе затворениот шеф на сицилијанската мафија „Коза ностра“ - Матео Месина Денаро, поради неговата вмешаност во десетици убиства, бомбашки напади, смрт на 12-годишно момче...

Тука спаѓаат и бомбашките напади во 1992 година, кога загинаа судиите против мафијата, Џовани Фалконе и Паоло Борселино. Судот го прифати барањето на јавниот обвинител дента кога Италија ја одбележува 31-годишнината од бомбашкиот напад на Вија Д'Амелио во Палермо каде што загинаа Борселино и петмина негови обезбедувачи.

Шефот на Коза Ностра, кој 30 години беше во бегство, е фатен во јануари во клиниката за рак во Палермо. Тој сега се наоѓа во затворот со максимална безбедност во Л’Аквила.

Денаро, инаку, е осуден и за убиството на Џузепе ди Матео кој во 1993. имал само 12 години. Мафијашот го организирал киднапирањето на детето за да се принуди неговиот татко да се откаже од сведочењето против мафијата. Тој го држел момчето во заробеништво повеќе од две години (800 дена), потоа го задавил и го растворил телото во киселина.

Меѓу пресудите е и онаа за бомбашките напади на верски и уметнички знаменитости во Милано, Рим и Фиренца во 1993 година, кога загинаа 10 лица, а 40 беа повредени.  си/сд/

Фото:ЕПА

Остани поврзан