• среда, 25 декември 2024

Постои интерес за вработување во светиниколските конфекции, но менаџменотот размислува и на други креативни начини за привлекување на искусни текстилни работници

Постои интерес за вработување во светиниколските конфекции, но менаџменотот размислува и на други креативни начини за привлекување на искусни текстилни работници

Свети Николе, 25 февруари 2023 (МИА) - Заинтересираност има од страна на работниците да донесат нови работници во светиниколските текстилни конфекции АД  „Мода“ и ДОО „Камотекст“, а затоа да добијат парична награда од 5.000 денари. Но,  менаџерот на АД „Мода“, Ангел Димитров вели дека им доаѓа пред се неквалификувана работна сила.

-Доаѓаат пред се луѓе за рачна работа, кои не се нафаќаат да работат на машина, кои немаат искуство во машинска работа. Значи не сме целосно задоволни од тоа што направивме, па ќе мора да измислуваме и други креативни начини, како да ги привлечеме работниците, вели Димитров.

Посочува дека покреативните начини за привлекување на работниците е и во исплатата на регресот за годишен одмор.

-Еден од начините е да речеме да се исплати К-15 поголем од утврдениот законски минимум,  односно кој е утрвден во општиот Колективен договор и нормално на нас ни останува обврска да измислуваме такви начини, бидејќи на пазарот нема доволно работници со знаење и искуства од таа област. Така да мораме ние на еден начин да си крадеме работници едни од други, рече Димитров.

МИА пред неколку дена информираше дека во овие две Светиниколски конфекции просечната плата е околу 30.000 денари, а од април ќе им се зголеми и за дополнителни 10%. Прашан дали понудената плата и мотивација ќе бидат примамливи за работниците кои работат во ТИР зоната во Штип, а секојдневно патуваат на релација Свети Николе-Штип, Димитров истакна дека во изминатите десет години компаниите во ТИР зоните се главна конкуренција на македонските компании, кои какошто вели не плаќале даноци и придонеси на работниците.

-Тие на тој основ остварија огромни профити, за разлика од тоа кај нас плаќаме придонеси, а работниците отидоа таму. Тоа е веќе завршена работа и мислам дека платите во ТИР зоните не се значително подобри од нашите плати и ако се земе во предвид начинот на работа таму е каде што се работи на нога, цел ден. Мислам дека може да се случи да се вратат работници од ТИР зоните во нашите компании, додаде Димитров.

Текстилниот сектор во моментов има порачки и тоа повеќе од тоа што можат да го сработат  за  своите странски партнери. Но, Димитров не знае дали катастрофалниот земјотрес во Турција ќе предизвика и негативни ефекти врз нивното работење, бидејќи во тој дел на оваа земја имало голем број на текстилни фабрики, кои произведувале материјали, копчиња и конец, за шиење на облeка. Смета дека додека не се стабилизира состојбата во Турција, странските партнери овие потребни производи ќе ги купуваат од Блискиот Исток. вдј/аа/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан