• четврток, 26 декември 2024

Постигнат договор меѓу авиокомпанијата САС и синдикатот на пилоти, штрајкот заврши

Постигнат договор меѓу авиокомпанијата САС и синдикатот на пилоти, штрајкот заврши

Стокхолм, 19 јули 2022 (МИА) - Скандинавската авиокомпанија САС и синдикатите на пилотите денеска соопштија дека постигнале договор и со тоа го прекинале двонеделниот штрајк кој ја чинел компанијата од девет до 12 милиони долари дневно.

„По 15 дена штрајк, САС и синдикатите на пилотите САС Скандинавија постигнаа договор. Страните се договорија за нови колективни договори за 5,5 години, а компанијата САС Скандинавија ќе ги обнови летовите според редовниот распоред што е можно поскоро“, соопштија од САС по преговорите кои вчера траеја цел ден, а завршија утрово.

Шведското здружение на пилоти објави дека пилотите на САС се согласиле да потпишат нов договор со компанијата и дека штрајкот ќе биде завршен. Речиси илјада пилоти стапија во штрајк на 4 јули поради намалување на платите што го бараше раководството како дел од планот за реструктуирање што беше спроведен за да се одржи компанијата во живот и против одлуката на компанијата да не ги вработува пилотите отпуштени за време на пандемијата со Ковид-19.

Според Здружението, 450 пилоти ќе бидат повторно вработени според новиот договор.

Минатата недела, извршниот директор на компанијата, Анко ван дер Верф, предупреди дека продолжен штрајк ќе го загрози успешното спроведување на стечајната постапка на компанијата и на крајот нејзиниот опстанок.

Според проценките на компанијата, на десеттиот ден од штрајкот, прекинот на работата веќе го чинеше САС меѓу една и 1,3 милијарди шведски круни (94 до 123 милиони долари) со откажување на повеќе од 2.500 летови. паг/

Остани поврзан