• вторник, 30 јули 2024

Поставен видеонадзор за да се спречи уништувањето на новогодишните украси во Делчево

Поставен видеонадзор за да се спречи уништувањето на новогодишните украси во Делчево

Делчево, 11 декември 2023 (МИА) - Несовесни граѓани уништија дел од новогодишните светилки поставени на новогодишните фигури во градскиот парк. Со овој вандалски чин во Делчево 
продолжи неславната традиција за уништување урбана опрема поставена на јавните површини, поради што, денеска на неколку локации во градскиот парк се поставија видеокамери. 

Целта, како што информираа од Општинат, е подобра контрола и полесно пронаоѓање на сторителите и нивно понатамошно процесуирање во судските инстанци.

-Наместо Делчево од вечерва да светне во новогодишна магија, повторно е потребно на веќе подготвените новогодишни украси и светилки, да се инсталираат нови. Целта е сите заедно одговорно да придонесеме и да го чуваме општото добро, пред сè, да овозможиме децата да уживаат во новогодишната магија. Граѓаните треба да се сами свесни дека со уништување на урбаната опрема во градот, самите себеси си прават штета, бидејќи поставената опрема е на сите нас, истакнаа од Општина Делчево.

Оттаму апелират до граѓаните за совесно и одговорно однесување и посочуваат дека поставените светилки се под висок електричен напон.

-Во оваа прилика информираме дека во Делчево интензивно се работи на инсталација на новогодишните украси, а веќе се поставени новогодишни фигури и дрвени куќички наменети за угостителско-трговска дејност кои ќе донесат содржина повеќе за збогатување на новогодишната магија во градот. Поставувањето на овие новогодишни реквизити го оплеменуваат градскиот парк и го облекуваат во новогодишно руво, на тој начин, ја збогатуваат новогодишната атмосфера во Делчево нудејќи можност за убави фотографии и радост кај најмладите, посочија од Општината.

Новогодишните светилки и украси како што дополнија се очекува да бидат ставени во функција во текот на оваа работна недела. вс/


Фото: МИА

Остани поврзан