• недела, 24 ноември 2024

Поставени вештачки гнезда за црниот мршојадец во Националниот парк во грчката област Еврос, зафатен од пожарите

Поставени вештачки гнезда за црниот мршојадец во Националниот парк во грчката област Еврос, зафатен од пожарите

Атина, 9 јануари 2024 (МИА) – По големиот пожар што во текот на летото ја зафати грчката област Еврос и изгоре значителен дел од Националниот парк Дадиа – Лефкими – Суфли што претставува дом на загрозениот вид на црн мршојадец, од Агенцијата за природна средина и климатски промени во изминатите денови поставија 15 вештачки гнезда за црниот мршојадец, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Агенцијата, што е надлежна за управување со заштитени подрачја, соопштија дека во пожарот изгореа голем број зрели дрвја што резултираше со губење на вредни места за гнездење, а со оглед на тоа дека природната обнова ќе трае неколку години и со цел да се обезбедат соодветни места за црниот мршојадец за претстојниот период на размножување, била спроведена пилотската акција за поставување на 15 вештачки гнезда на места каде што претходно биле природните

Оваа техника се користи и во други земји по големи шумски пожари, но првпат се имплементира во Грција и во конкретниот Национален парк.

Станува збор за прва од низата мерки по пожарите во Еврос, а планирано е до крајот на февруари да биде завршено поставувањето на 140 вештачки гнезда за ноќните птици грабливки.

Агенцијата за природна средина и климатски промени, во соопштението посочува дека црниот мршојадец, најголемата птица грабливка во Европа, своето гнездо со дијаметар од над два метри, го гради на врвовите на зрели дрвја, а Националниот парк во Еврос е домаќин на единствената природна колонија од овој вид на Балканот, со 30-36 парови за размножување.

Периодот на размножување започнува во јануари, кога птиците почнуваат да ги градат гнездата, а завршува кон крајот на август, кога пилињата го напуштаат гнездото.

Секој пар има по едно јајце годишно, а само околу половина од пилињата успеваат да преживеат додека да дојде време да летаат и да го напуштат гнездото.

Националниот парк Дадиа-Лефкими-Суфли со борови и дабови шуми, што се наоѓа во областа Еврос во североисточниот дел на Грција е едно од најважните заштитени подрачја на национално, европско и меѓународно ниво и е една од првите области во земјата што е прогласена за заштитена бидејќи таму коегзистираат голем број видови флора и фауна.

Дом е на три од вкупно четири европски видови мршојадци и е едно од ретките засолништа за 36 различни видови загрозени грабливци.

Националниот парк беше зафатен од пожари во 2011, 2022 и 2023 година, а најголемиот беше минатото лето, кога изгоре голема површина од заштитениот регион Натура 2000. ср/сд/

Фото: Агенцијата за природна средина и климатски промени на Грција

Остани поврзан