• сабота, 23 ноември 2024

Последно обраќање на Меркел во Бундестагот пред изборите

Последно обраќање на Меркел во Бундестагот пред изборите
Берлин, 7 септември 2021 (МИА) - Германската канцеларка Ангела Меркел денеска на пленарна седница во Бундестагот имаше последно обраќање пред претстојните парламентарни избори, објавија германските медиуми. Говорот на Меркел траеше 14 минути. Канцеларката зборуваше за борбата против климатските промени, развојот на „зелената“ енергија, борбата против тероризмот и кибер криминалот. Канцеларката ја искористи можноста и да го повтори својот повик до граѓаните да се вакцинираат против коронавирусот. На крајот од говорот, таа го покрена прашањето за внатрешната политика, што предизвика незадоволство кај опозицијата. Меркел го поддржа кандидатот на ХДС/ХСС, Армин Лашет, поради што беше принудена да одговори на реакцијата на пратениците.

- Не е важно кој ќе биде во следната влада. Или ќе биде влада со Социјалдемократите и Зелените, со поддршка од Левицата, или владата може да биде на ХДС/ХСС со Армин Лашет, за да не води во иднина од умерени и центристички позиции, рече Меркел.

Според неа, една од можните идни владини коалиции е на Социјалдемократите (СПД), Зелените и Левицата, но додаде дека таа лично остро ќе се спротивстави на вклучувањето на Левицата.

Лашет е премиер на Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената провинција, каде што во јули имаше силни поплави, кога и рејтингот на Лашет и политичкиот блок ХДС/ХСС почна да се намалува. Според анкетите, 20 отсто од населението е подготвено да гласа за нив, а 25 отсто за Социјалдемократската партија на Германија (СПД). 

Парламентарните избори во Германија ќе се одржат на 26 септември. Според Уставот, новиот Бундестаг треба да започне да функционира во рок од 30 дена од гласањето. Мандатот на канцеларката завршува токму со првото заседание на новиот законодавен мандат.

Новиот канцелар ја презема функцијата откако ќе го добие мандатот од претседателот, а тоа е  откако партиите ќе ги завршат коалициските преговори. Пред четири години, преговорите траеја рекордни 172 дена. паг/

Остани поврзан