• среда, 27 ноември 2024

Португалските социјалисти победија на локалните избори, но го загубија Лисабон

Португалските социјалисти победија на локалните избори, но го загубија Лисабон

Лисабон, 27 септември 2021 (МИА) - Владејачките социјалисти во Португалија претрпеа изненадувачки пораз на локалните избори во неделата, губејќи во Лисабон по 14 години, иако остануваат најголемата партија во земјата по изборите во кои беа вклучени повеќе од 300 градски совети.
Карлос Моедас, поранешен европски комесар за развој, наука и иновации од главната опозициска Социјалдемократска партија (ПСД), победи во Лисабон со разлика од само еден процентен поен, обезбедувајќи 34,25 проценти за неговата десноцентристичка партиска алијанса со конзервативната ЦДС-ПП.
- Денес почнуваме нов круг... верувам дека ќе започне во Лисабон, но нема да заврши во Лисабон, рече Моедас во победничкиот говор рано утрово.
Португалскиот премиер Антонио Коста, поранешен градоначалник на Лисабон, изрази разочарување од загубата на неговата партија во градот.
- Жално е, но вака функционира демократијата. Како што сите знаат, поразот беше неочекуван ... се чувствувам фрустрирано, очигледно, рече тој.
Но, со преброени 99 проценти од гласачките ливчиња, социјалистите освоија 34,4 проценти од гласовите и 147 општини низ Португалија, многу понапред од ПСД, која освои 24 проценти сами или во сојуз со ЦДС-ПП.
Комунистичката партија го зазеде третото место со 8,2 проценти, а Левиот блок само 2,8 проценти. паг/
   

Остани поврзан