• сабота, 28 декември 2024

Португалија поради сушата ќе ја користи водата од акумулациите за пиење

Португалија поради сушата ќе ја користи водата од акумулациите за пиење
Лисабон, 2 февруари 2022 (МИА) - Португалската влада му нареди на раководството на група хидроцентрали привремено да го ограничат користењето на водата за производство на електрична енергија и наводнување поради загрижувачката суша, давајќи приоритет на нејзината употреба за пиење. Португалскиот институт за метеорологија (ИПМА) соопшти дека сушата, која започна во ноември, се влошила, достигнувајќи умерено ниво од 54 отсто од територијата во Португалија, 34 отсто високо ниво и 11 отсто екстремно.
Португалија има околу 60 хидроцентрали кои покриваат 30 отсто од потрошувачката на електрична енергија, според Португалското здружение за обновлива енергија. Засега, пет брани во централниот дел на земјата речиси целосно ќе го прекинат производството на електрична енергија, а браната во регионот Алгарве на југ, особено тешко погодена од сушата, мора да престане да ја користи водата за наводнување. Министерот за животна средина Жао Педро Матос Фернандес на прес-конференција во вторникот рече дека другите брани имаат доволно вода за да го компензираат ограниченото производство. „Состојбата со сушата е загрижувачка. Доколку прогнозите се влошат, ќе мора да ги прошириме мерките“, рече Фернандес. паг/
   

Остани поврзан