• среда, 27 ноември 2024

Португалија побара помош од ЕУ во борбата против шумските пожари

Португалија побара помош од ЕУ во борбата против шумските пожари

Лисабон, 16 септември 2024 (МИА) - Португалија побара авиони за гаснење пожари, бидејќи најмалку 15 шумски пожари се разгорени во централните и северните региони, вклучително и оној во кој изгореа куќи во предградието на градот Албергарија-а-Велхе.

Повеќе од 800 пожарникари се бореа со тој пожар и уште три во северозападната област Авеиро каде што полицијата затвори автопати, меѓу кои и дел од главниот автопат меѓу Лисабон и Порто, а евакуираше и неколку села.

Областа беше покриена со густ чад од пожарот, кој беше разгорен од силниот ветер и високите температури.

Властите соопштија дека во таа област распоредиле осум канадери.

Владата побара повеќе противпожарни авиони од Европската комисија според механизмот за цивилна заштита на ЕУ познат како RescEU.

Градоначалникот на Албергарија-а-Велхе, Антонио Луреиро за новинската агенција Луса изјави дека во пожарот биле уништени две куќи и дека тој се шири низ индустриската и станбената област на градот со околу 25.000 жители.

Официјалните лица рекоа дека вкупно 1.500 пожарникари се распоредени низ целата земја каде температурите надминаа 30 степени Целзиусови во текот на викендот и се очекува да останат високи и денеска и утре.

Португалија и соседна Шпанија забележаа помалку пожари од вообичаено по дождливиот почеток на годината. Но, и двете земји остануваат ранливи на сè потоплите и суви услови што научниците ги припишуваат на глобалното затоплување. паг/

Фото: МИА архива

 



Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан