Портпаролката на грчко МНР: Никакво учество на Грција во операции против Иран
- Грција не учествува и не се вклучува во никакви операции против Иран, нагласи портпаролката на Министерството за надворешни работи на Грција Лана Зохиу на денешниот брифинг со новинарите, објаснувајќи дека сите мерки што земјата ги презеде се засноваат на протокол и се превентивни, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 3 март 2026 (МИА) – Грција не учествува и не се вклучува во никакви операции против Иран, нагласи портпаролката на Министерството за надворешни работи на Грција Лана Зохиу на денешниот брифинг со новинарите, објаснувајќи дека сите мерки што земјата ги презеде се засноваат на протокол и се превентивни, јави дописничката на МИА од Атина.
За испратената воена помош на Кипар посочи дека е во рамките на континуираната поддршка од Атина за Никозија, рече дека не сметаат дека постои „сериозно безбедносно прашање“, но ја изразуваат солидарноста „во секој момент и на секој начин што ќе биде потребен.“
- Помошта за Кипар има чисто одбранбен карактер и на никаков начин не претставува наше учество во војната, истакна портпаролката на Министерството за надворешни работи на Грција.
Таа објасни дека Грција ги следи случувањата во Иран и Блискиот Исток, изразува загриженост за ситуацијата во регионот и „ги повикува сите страни на воздржаност и деескалација за да се избегне регионална ескалација со потенцијално сериозни последици за меѓународниот мир и безбедност“.
Зохиу додаде дека ставот на земјата е дека е потребно целосно почитување на меѓународното право, вклучително и Повелбата на Обединетите нации, но и дека „одржливи решенија за безбедносните предизвици во регионот можат да се постигнат само преку преговори, преку дипломатски канал“.
Таа објасни дека министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис е во континуиран контакт со партнерите и сојузниците на Грција. ср/ми/
Фото: Архива МИА